Соопштенија за Медиумите: Амбасадата на САД и Црвениот крст на град Скопје заедно во добротворна акција

На 14 септември, Амбасадата на САД ќе го одбележи Националниот ден на служба и сеќавање преку организирање на крводарителна акција и акција за собирање на прехрамбени продукти и други средства во соработка со Црвениот крст на град Скопје и со Институтот за трансфузиологија. Заинтересираните дарители на крв, ќе можат да го сторат тоа во Амбасадата на САД од 9:00 – 16:00 часот. Амбасадорот Џес Бејли ќе им се обрати на присутните во 14:00 часот, заедно со генералниот секретар на Црвениот крст, Саит Саити, и директорот на Институтот за трансфузиологија, Емилија Велкова.

Преку оваа акција на служење на заедницата, донаторите ќе му помогнат на Црвениот крст да ги надополни резервите на крв и да обезбеди храна и други потребни залихи за загрозените семејства за претстојната зима. Потребата од вакви донации особено се зголеми откако резервите на Црвениот крст се намалија по помошта што ја укажаа на жртвите на неодамнешните поплави во Скопје и Тетово. Националниот ден на служба и сеќавање започна во 2002 година како начин на гледање напред, преку добротворни акции, да се покаже почит кон жртвите, преживеаните и сите оние кои помогнаа во справувањето со последиците од нападите на 11 септември. Во 2009, Конгресот на САД усвои сојузен закон, подржан од двете партии, со што го прогласи 11 септември за Национален ден на служба и сеќавање.