Амбасадорот Бејли
9 ноември 2016
Ви пожелувам добредојде на сите, кои дојдовте на нашиот изборен појадок. Ви благодарам што дојдовте да го споделите со нас овој историски ден. Секои четири години, знаеме дека очите на светот се вперени во Соединетите Држави, додека минуваме низ процесот за избор на нов претседател. Во изминатиот месец, моите колеги во Амбасадата и јас патувавме низ цела земја да зборуваме за нашите избори; и навистина беше извонредно искуство да се види колкав беше интересот и ангажираноста на луѓето овде. Имаше ученици кои не збунуваа со тешки прашања, млади луѓе кои дебатираа и се бореа со ставови за надворешната политика, како и бизнисмени и новинари кои се прашуваа за нивната улога во избори.
Тоа е возбудливо и инспиративно. Со добра причина. Секои четири години, ние славиме нешто посебно во Соединетите Држави – а тоа е правото да го избереме нашиот лидер. Тоа е право што е содржано во самата основа на нашата република и е право за кое луѓето се бореле и умирале. И не само за време на првата Револуција. Всушност, пред 100 години, повеќе од пола од моите колеги во Амбасадата немаа право на глас.
Во целата бука што се создаде за време на кампањата, а може да се согласиме дека оваа кампања создаде бука, најважното нешто што се случи беше едноставниот чин кога американскиот граѓанин излезе на гласачкото место и го даде својот глас. Низ целата територија на САД, во сите 50 држави и во ДиСи, повеќе од 130 милиони гласачи, од сите етникуми, вери и економски категории излегоа и го направија тоа.
Ние сериозно го сфаќаме гласањето. Да избереш претседател е сериозна работа. И покрај сета бучава на оваа кампања, кампањата се занимаваше со прашања што влијаат на животите на обичните луѓе – како што се економија и трговија, имиграција, тероризам, здравствено осигурување, и ангажманот на САД во светот. Гласачите исто така ќе изберат 435 членови на Конгресот, 34 сенатори, и бројни локални службеници, од гувернери, до членови на бордот за образование, судии на службеници на окрузи. Ќе земат в предвид прашања како што се покачувањето на минималната плата, нови даноци за поддршка на инфраструктурата, и измени во уставите на државите.
Неколку од тие прашања може да ги видите и во избирачките ливчиња од различни држави, изложени во салава. Сите сме читале коментари дека ова беше најгрдата или најоспорувана кампања досега. Но, не сум сигурен дека тоа навистина точно. Во Соединетите Држави имаме долга историја на неуредни, поларизирани и блиски кампањи.
На изборите во 1800 година, помеѓу Џон Адамс и Томас Џеферсон – двајца луѓе кои ги гледаме во мермерни статуи низ Вашингтон како основачи на нашата република, Џеферсон рече дека Федералистичката партија на Адамс претставува “владеење на вештерки…со план да се поткопа и уништи републиката.” Федералистите, од друга страна, тврдеа дека земјата мора да се спаси од “неповратната пропаст” од “очниците на Џеферсон”. Што е различно денес? Една работа е различна – обемот на достапни податоци и информации; тој е поголем од било кога порано и тоа е добро! Никогаш не било полесно од денес да се биде информиран гласач.
Можете на Гугл да ги најдете деталите од програмите на секој од кандидатите, да ги слушнете нивните говори на Јутуб, и да ги следите на Фејсбук и Твитер и директно да ги слушате нивните ставови. Исто така постојат многу веб-страници за проверка на фактите на кои може да ја проверите веродостојноста, не само на изјавите на кандидатите, туку и на медиумските извештаи за нив.
И во сите тие информации, постои и лоша страна. Како што сме виделе, има и многу гласини и дезинформации, малку од нив намерни, кои може да се прошират како пожар по социјалните мрежи и медиуми. Значи важно е да се биде остроумен. Денот на изборите во ден на прослава. Некои родители ги носат своите деца на гласачкото место. Соседите волонтираат како персонал на гласачките места. Во канцелариите, во локалните кафулиња, на бензинските пумпи, ќе видите луѓе кои носат беџеви на кои пишува “Гласав”. Фасцинантно беше да се види како беџот “Гласав” го има и на социјалните мрежи.
Вчера постирав беџ кој вели “Гласав од Македонија”. Во сето ова, најважната работа е луѓето да најдат време и енергија да бидат информирани гласачи. Во ерата на социјалните медиуми и телевизиските канали кои известуваат 24 часа, никогаш не било полесно да се опкружите само со оние гласови кои ги поддржуваат вашите идеи и мислења. За да се оддржи демократијата жива и здрава, важно е да прифатиме дека не секогаш ќе се согласиме меѓу себе, како и да бараме мислења кои се спротивни на нашите видувања– без разлика какви се тие.
Понекогаш толку многу се заплеткуваме во секојдневното клеветење и телевизиската изборна драма што понекогаш забораваме колку е големо правото на глас – можноста да се реши која ќе биде наша влада и во која насока ќе се движи нашата земја. Ова право носи и одговорност. Секој од нас треба да ја расчисти буката и го цени кандидатот кој има најдобра визија за иднината, и тогаш да се оди напред. Мислам дека нашата претстава за добра иднина е слична за повеќето од нас– како за луѓето во Соединетите Држави, така и за луѓето во Македонија, младите и старите, либералите и конзервативците. Сакаме нашите семејства да бидат безбедни и напредни.
Сакаме нашите деца да имаат добро образование и да пораснат со можноста сами до го трасираат сопствениот пат. Сакаме свет на мирот и напредокот во којшто ќе работиме заедно со други земји во соочувањето со глобалните предизвици. Секако, не секогаш ќе се сложиме за начинот како да стигнеме дотаму, но сите се согласуваме дека овие цели се исти. Ова е причината зошто постизборниот период во Соединетите Држави обично е време за соединување.
Време во кое, како што рекол Стивен Даглас во 1860 година, “партиските чувства мора да се предадат на патриотизмот.” За време на кампањите се потенцираат разликите; а сега предизвикот е да се фокусираме на повторно зближување, формирање нова администрација и Конгрес, и гледање кон иднината. Денес кампањата завршува и по овој настан, мојата екипа и јас ќе се вратиме во Амбасадата да продолжиме да работиме на унапредување на односите и врските помеѓу Соединетите Држави и Македонија. Како што кажав во мојот разговор со повеќе медиуми денес, за време на мојата 31 годишна кариера, сум служел 15 години во републиканската администрација и 16 години во администрацијата водена од Демократите.
Можам да ве уверам дека предизвиците со кои се соочуваме во светот немаат партиска припадност. Тие предизвици не се менуваат помеѓу 8-ми и 9-ти ноември, а не се менуваат ни нашето постојано партнерство и интереси. Соединетите Држави се партнер на Македонија веќе 25 години – преку четири различни администрации на САД – и нашата посветеност кон успехот на Македонија не се намалила, и нема да се намали. На крај сакам да кажам, бидејќи во просторијава гледам присутни многу лица кои се инволвирани во политика, дека ги поздравувам сите тие што се кандидати, кои имале храброст да се кандидираат, бидејќи секако, тоа не е лесна работа. Исто така, ги поздравувам волонтерите и активистите кои поминаа месеци пружајќи им поддршка.
Ги поздравувам и моите сограѓани кои гласаа. Ова е точно начинот на кој функционира самоуправувањето. Ви благодарам што бевте со нас утринава. Мислам дека следат резултати и најави. Впечатливо е што ве гледам тука додека го прославуваме овој значаен ден – изборниот ден во САД.
Ви благодарам многу!