Говор на амбасадорот Џес Бејли по повод прославата на Денот на независноста на САД

(пишана верзија)
Good evening, добро вечер, mirëmbrëma.

Јас и Кејпи, како и целиот персонал на Амбасадата, ви посакуваме добредојде и ви благодариме што ни се придруживте вечерва заедно да го прославиме Денот на независноста на САД. Претседател Иванов, претседател на Собранието Вељановски, претседател на Владата Димитриев, министри, пратеници, истакнати судии, колеги амбасадори, дами и господа – почестени сме што сте тука со нас. Посебна благодарност и топло добредојде на нашите спонзори, кои помогнаа да се овозможи овој прекрасен настан.

Ве молам, да ги поздравиме со аплауз. Исто така, голема благодарност до Биба и Одри за нивната изведба на нашите химни, како и на музичарите на Субстандард. Убаво е да бидеш со пријатели и колеги вечерва за да се прослават многуте постигнувања во партнерството меѓу нашите земји. Преку Мировниот Корпус, ние ја прошируваме нашата соработка во училиштата и заедниците ширум земјата. Во Обединетите Нации, им се придруживме на 173 други нации во потпишувањето на историскиот Договор од Париз за борба против климатските промени. И овде во Скопје работевме за да и помогнеме на Македонија да се движи напред кон членството во НАТО и ЕУ. Тоа вклучува наше зголемување на заедничката обука помеѓу нашите војски. Тоа значи да се работи за решавање на политичката криза на Македонија, за зајакнување на владеењето на правото и демократските институции, како што е утврдено во договорот од Пржино.

Таа последна точка доминираа по вестите, но ние исто така знаеме дека Македонија е многу повеќе од тоа што се пишува во насловите на вестите. Македонија е нејзиниот народ, нејзиното наследство, нејзините природни убавини од Шар планина се до Дојранското езеро, од Охридското и Преспанското езеро до Осогово. За да ја запознаеме и разбираме Македонија, мора да го кренеме погледот од нашите дневни преокупации и да ја цениме оваа убавина што не опкружува. Јас сум благословен што можам да го правам тоа од овие простори, секој ден. Оваа година во Америка ја славиме 240 годишнината од нашата независност, и 100 години од Службата на националните паркови.

На 25 август 1916 година, претседателот Вудроу Вилсон го потпиша актот кој ја создаде Службата на паркови, која имаше одговорност да ги заштити националните паркови и споменици на Америка. Првиот национален парк на Америка, Јелоустоун, беше креиран 44 години пред тоа, назначен како “јавен парк или терен за задоволство во корист на луѓето.” За тоа време, ова беше прогресивна, дури и радикална, идеја – да се зачува природната, дива состојба на местата каде сите луѓе можат да уживаат. Во Соединетите Држави, под национални паркови исто така спаѓаат местата со културно и историско значење.

Тие раскажуваат антологиски настани од нашата историја – Декларацијата на независноста во Салата на независноста во Филаделфија, граѓанската војна во Гетисбург, нашето вклучување во Втората светска војна во Перл Харбор. Тие го чествуваат нашето имигрантско наследство и разновидност на Елис Ајленд. Тие ни помагаат да се соочиме со трагичните грешки – присилната миграција на Чероките долж Патеката на солзите, или интернацијата на Јапонските Американци за време на Втората светска војна.

Тие ги разкажуваат приказните на нашите борби – за правата на жените во Сенека Фолс, Њујорк, за граѓанските права во Селма, Алабама, и сега за правата на ЛГБТИ заедницата во Стоунвол Ин во Њујорк – кој претседателот Обама минатата недела го назначи за наш најнов историски локалитет. Актот од 1916 година за Служба на националните паркови вели дека парковите мора да се заштитат “неоштетени за задоволството на идните генерации.” Националните паркови се ветување кое им го даваме на нашите деца, и на нивните деца, и на иднината.

Кога се залагаме да ги зачувуваме нашите паркови и да се потсетиме на нашата историја, ние им даваме навистина прекрасен подарок на тие што доаѓаат после нас. Ние ја чуваме нашата биолошка разновидност за нив преку заштита на животните и растенијата што ги прават овие места нивен дом. Ја зачувуваме историјата за нив со тоа што ги потсетуваме на борбите и изборите што сме ги правеле во минатото. За нив обезбедуваме места со неверојатна убавина за да ја инспирираме нивната имагинација и да ги поттикнеме нивните души.

Да се покаже едно дрво, планина или река на едно дете е радост и привилегија која треба да се пренесе од генерација на генерација. Јас и Кејпи го научивме тоа додека пешачевме со нашиот син во Националниот парк Глечер и додека разговаравме за значењето на Граѓанската војна која се случуваше на борбените линии меѓу топовите, кои сеуште стојат во Гетисбург. Националните паркови навистина се – како што рекол американскиот писател и историчар Уалас Стегнер – “најдобрата идеја што Америка некогаш ја имала. Апсолутно американска, апсолутно демократска, тие се одраз на нашите најдобри работи.” Како што можеби веќе знаете,

Американците често не се сложуваат меѓусебе за прашања од јавен интерес. Ако ги следите овие контроверзни избори во САД, може ќе кажете дека тоа што го реков не е доволно силно. Но националните паркови се нешто за кое се согласуваме, бидејќи нашите национални паркови навистина им припаѓаат на сите Американци и ја претставуваат нашата заедничка историја, наследство, и култура. Иако луѓето можат да дебатираат за ова прашање, јас никогаш не сум сретнале некој кој верува дека ние како нација ќе бидеме подобри без нашите паркови. Абрахам Линколн рекол, “најдобриот начин да се предвиди иднината, е таа да се создаде.” Додека се соочуваме со конфликтите и предизвиците на денешницата, ајде да ги решиме така да идните генерации ќе гледаат наназад со гордост на одлуките што ние сме ги донеле, и ќе ги одбележуваат места на кои се донесени.

Нашите национални паркови се резултат на мудро управување, како во мојата земја, така и тука во Македонија. Имав среќа да ги посетам сите три паркови на Македонија по неколку пати, неодамна се искачив во планината Баба и се симнав од другата страна на Преспанското езеро. Заедно со вашите културни и историски локалитети, вашите паркови се подарок од вашите родители и баби и дедовци, и ваш подарок за вашите деца и внуци. Затоа, вечерва исто така ги чествуваме мудрите одлуки за заштита на овие места.

Среќни сме што вечерва тука со нас се директорите на националните паркови и вработените во Маврово, Пелистер и Галичица. Со себе донеле материјали во кои се истакнува извонредната и комплексна убавина на вашите национални паркови. Ве молам посетете ги нивните штандови, кои убеден сум дека ќе ве инспирираат повторно да ги посетите вашите национални паркови. Исто така, вечерва со нас тука се и победниците на нашиот онлајн конкурс за дизајн на постери за парковите на Македонија. Нивната работа може да ја видите исложена тука.

Сега ве поканувам да наздравиме во чест на 240 годишнината на Независноста на Америка и на мудрите одлуки направени од претходните генерација за да создадат нашите национални паркови. Со зборовите на претседателот Теодор Рузвелт, голем поборник за заштита и зачувување на природниот свет, да ги подигнеме чашите и да наздравиме за “вредноста на природната убавина како национално богатство.”

Среќен Ден на независноста! Благодарам!