Соопштенија за Медиумите: Изјава од Амбасадата на САД

18 мај 2016

Одлуката на Уставниот суд отвара пат за свикување на Собранието за да се откажат изборите на 5
јуни. Ова пак, претставува обновена можност за Собранието и за политичките лидери, да
покажат на дело дека се силно посветени на Пржинскиот договор и неговите начела — владеење
на правото, одговорност, инклузивност и кредибилни избори. Оваа рамка и понатаму претставува
најдобар начин за земјата да излезе од сегашната криза.

Поништувањето на помилувањата од 12 април треба да се направи итно и на начин на кој ќе се
зачува начелото на одговорност, ќе се избегне селективна примена на правдата и ќе се
неутрализира сериозната загриженост во врска со неказнивоста. Основно демократско начело е
дека сите граѓани треба да бидат еднакви пред законот. Политичките партии треба
недвосмислено да го поддржат Специјалното јавно обвинителство (СЈО). Непреченото работење
на СЈО е клучно за да се утврди одговорноста за можни злоупотреби поврзани со
прислушувањата и за надминување на сегашната криза.

Претстојат тешки реформи. Процесот на реформи мора да биде инклузивен и да ги вклучи
перспективите на опозициските партии и граѓанското општество. Ваквата инклузивност е клучна
за воведување и воспоставување на системот на проверки и рамнотежа, систем што е
одлучувачки во демократијата. Соединетите Држави нема да поддржат пристапи што не ги
почитуваат овие принципи.

Ветувања за реформи или искази за намера нема да ја вратат земјата на евро-атлантскиот пат.
Делата ќе го сторат тоа.