Објавен е Годишниот извештај за тероризам за 2016 година. Извештајот ја истакнува заканата што меѓународниот тероризам ја претставува за стабилноста и безбедноста во светот. ….Извештајот [HTML | PDF – (87kb)]
Македонија е партнер на САД во напорите против тероризмот, демонстрирајќи ја својата силна заложба кон Глобалната коалиција за борба против ИСИС. …Подолу можете да го прочитате целиот текст од извештајот на делот кој се однесува на Македонија
—————————————————————-
РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА: НИВО 1
Владата на Република Македонија не ги исполнува целосно минималните стандарди за сузбивање на трговијата со луѓе. Сепак, таа презема значителни напори, со цел, да ја исполни оваа обврска. Во споредба со претходниот временски период за кој се известуваше, власта прикажа зголемени напори за исполнување на ваквата цел и како резултат, Република Македонија се задржа на Нивото 2. Зголемените напори на државата беа видливи и преку изработката и усвојувањето на Националната стратегија и Националниот акциски план за периодот 2017-2020 година и назначувањето на национален известувач и национален координатор, задолжени за трговијата со луѓе. Владата разви индикатори за препознавање на потенцијалните жртви на трговија со луѓе во рамки на комбинираните миграциски текови и стандардизирани постапки за идентификација на жртвите, за стручните лица што работат директно на терен. Државата го зголеми финансирањето за потребите на сместување на жртвите на трговија со луѓе во транзитниот/приемен центар за странци што е под нејзина управа. И покрај тоа, државата не ги задоволи минималните стандарди во неколку клучни области. Бројот на трговци со луѓе што беа кривично гонети и осудени е најнизок досега, во споредба со сите други претходни години. За разлика од изминатите години, Владата нема доделено никакви дотации за невладините организации што се активни во сферата на трговијата со луѓе, а го прекина и партнерството со невладините организации што нудеа услуги за поддршка, во рамки на засолништето со кое раководеше државата.
ПРЕПОРАКИ ЗА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА:
Мора да се обезбеди енергична истрага, кривично гонење и осудителни пресуди за трговците со луѓе, вклучувајќи ги и сите други вмешани службени лица, како и воведување соодветни казни што ќе имаат ефект на одвраќање од трговијата со луѓе; организирање напредна обука за судиите, обвинителите и вработените во органите за прогон, во однос на водењето истраги и кривичното гонење на случаите на трговија со луѓе; обезбедување зголемени ресурси наменети за заштита на жртвите; обука на вработените во органите за спроведување на законите, трудовите инспектори, дипломатскиот персонал и другите службени лица, во однос на проактивното откривање жртви на трговија со луѓе, особено меѓу децата питачи, нередовните мигранти, бегалците и барателите на азил; реактивирање на мобилните единици за идентификација и нивно формализирано партнерство со организациите од невладиниот сектор; усвојување национален акциски план и обезбедување финансиски средства за негова реализација; обезбедување сместување за жртвите на трговија со луѓе од странство во безбедни услови, кои овозможуваат нивна рехабилитација и дозвола за напуштање на засолништата според нивна волја; обезбедување специјализирани услуги за жртвите на трговија со луѓе од машки пол; подобрување на механизмите за обесштетување на жртвите и нивно информирање за правото на надомест; како и преземање мерки и активности за подигање на јавната свест во врска со трговијата со луѓе.
КРИВИЧНО ГОНЕЊЕ
Се бележи намален обем на владините активности за спроведување на законите во овој дел. Согласно законот, забранети се сите форми на трговија со луѓе, вклучувајќи ги и оние за принудно питање и учество во криминални дејствија, согласно ставовите (1) и (4) од Членот 418 од Кривичниот закон, кои предвидуваат минимална затворска казна од четири години за трговија со возрасни лица и затворска казна од дванаесет години, во случај на трговија со деца. Овие одредби се доволно строги и споредливи со пропишаните казни за другите тешки кривични дела, како на пример, за силување. Во месец декември 2015 година беше избришан ставот 1 од Членот 191 во врска со детската проституција, со кој се овозможуваше кривично гонење на трговците со деца за цели на сексуална експлоатација за полесни кривични дела, а беше изменет и ставот 4 од Членот 418, со кој експлицитно се инкриминира присилното питачење за малолетните лица и се зголемува законски пропишаната минимална затворска казна за ова дело. Во споредба со 2015 година, кога воопшто немаше истраги за трговија со луѓе, во текот на изминатата година беа спроведени истраги во два случаи. Во едниот од нив се работеше за лице, осомничено за трговија со луѓе за потребите на присилна работа, а во вториот случај шест лица беа осомничени за трговија со деца, поради нивна сексуална експлоатација и присилна работа. Власта поведе постапки за кривично гонење на двајца наводни сторители на кривични дела на трговија со луѓе, наспроти седумте постапки иницирани во 2015 година. Судовите осудија само еден сторител на делото трговија со луѓе (седуммина во 2015 година), при што на лицето му беше изречена условна казна, а обвинителството ја обжали ваквата пресуда. Дополнително, во текот на временскиот период што е предмет на овој извештај, апелациониот суд донесе конечна пресуда за еден случај од 2012 година, со која на сторителот му беше изречена затворска казна во времетраење од осум години.
Единицата за борба против трговија со луѓе и илегална миграција (ЕТЛИМ) во рамки на Министерството за внатрешни работи (МВР), продолжи со специјализираните истраги и водењето меѓународни истраги за случаите на трговија со луѓе. Корупцијата и соучесништвото на службените лица во трговијата со луѓе и понатаму претставуваат причини за загриженост. Во текот на периодот на известување, органите за прогон обвинија еден општински инспектор за трговија со возрасни лица. Три полициски службени лица и понатаму се под истрага уште од 2014 година, поради нивното наводно учество во организации што се бават со трговија на луѓе. Власта не понуди најнови информации во врска со овие случаи. Постоеја одредени извештаи за полициски и трудови инспектори, кои наводно земале поткуп од трговците со луѓе. Владините органи се сомневаат дека сопствениците на одредени барови и бордели биле однапред и навремено известувани за сите полициски рации. Во соработка со некои меѓународни организации, МВР организираше обука за прашања поврзани со трговијата со луѓе за 180 свои припадници. Академијата за судии и јавни обвинители, исто така, во соработка со одредени меѓународни и невладини организации, организираше обуки за темите на трговијата со луѓе, на кои присуствуваа 36 судии и 21 јавни обвинители.
ЗАШТИТА
Во делот на заштитата на жртвите, власта покажа мало зголемување на напорите. Беа идентификувани шест жртви, во споредба со четирите идентификувани во текот на 2015 година. Сите шест беа жени, жртви на трговија со луѓе за потребите на сексуална експлоатација, во споредба со четирите жртви на сексуална и трудова експлоатација од 2015 година. Меѓу жртвите имаше и три деца, како и еден странски државјанин. Трите детски жртви беа сместени во засолништето за жртви на трговија со луѓе под државна контрола, а Министерството за труд и социјална политика (МТСП) обезбеди соодветна психо-социјална поддршка за останатите две домашни жртви. Власта организираше и доброволно враќање во татковината за жртвата од Србија. За потребите на борбата против трговијата со луѓе, државата издвои вкупно 4,822,000 денари ($82,966), наспроти вкупниот износ од 1,606,036 денари ($27,633) доделен за истата цел во 2015 година. Власта предвиде 1,000,000 денари ($17,206) за работата на засолништето под нејзина контрола, во споредба со износот од 1,061,036 денари ($18,256) што за таа цел бил издвоен во 2015 година. Во споредба со издвоените 545,000 денари ($9,377) во 2015 година, за услугите што се нуделе на потенцијалните жртви на трговија со луѓе сместени во транзитниот/прифатниот центар за странци, во периодот на известување за истата цел беа издвоени вкупно 4,822,000 денари ($82,966). За разлика од претходните години, во текот на фискалната 2016 година, Владата не исплати никакви дотации за невладините организации. Според невладините организации, помошта што ја нудат за жртвите зависи токму од ваквата државна поддршка и поради отсуството на истата, тие биле принудени да го намалат обемот на понудените услуги. Според извештаите на невладините организации, во овој дел, власта во голема мерка се потпира врз финансиската помош што ја добива од меѓународната заедница и дополнителната поддршка од невладиниот сектор, меѓу другото и за реализација на услугите за рехабилитација и ресоцијализација на потенцијалните и званично признатите жртви.
Во соработка со меѓународните организации, Владата разви индикатори за препознавање на потенцијалните жртви на трговија со луѓе во рамки на комбинираните миграциски текови, како и стандардизирани постапки за идентификација на жртвите. Власта обезбеди обука за теренските работници, меѓу кои и за полициските службеници, трудовите инспектори, имиграциските службеници, активистите од невладините организации и социјалните работници, во врска со првичните постапки на проверка за мигранти, бегалци и деца без придружба. МТСП организираше напредна обука за социјалните работници на тема идентификација на жртви и обезбеди 99 социјални работници, задолжени за вршење проактивна идентификација на жртвите на граничните премини и во мигрантските и бегалските кампови. Заедно со невладините организации, власта успеа да идентификува 120 мигранти, како потенцијални жртви на трговијата со луѓе (78 возрасни лица и 42 деца). Владата не го обнови партнерството со невладиниот сектор, од аспект на функционирањето на шесте мобилни единици за идентификација, поради недостаток на ресурси и политичка заложба. Во Македонија беше забележано значително намалување на бројот на мигранти што минуваат низ земјата, а според извештаите од невладините организации, службените лица на граничните премини вршеле редовна проверка и контрола во однос на евентуалните индикатори за трговија со луѓе. И покрај тоа, според извештаите на експертите, граничните служби, сепак, не биле во можност соодветно да ги идентификуваат евентуалните жртви на трговија со луѓе. Социјалните работници од МТСП и полицијата вршеа идентификација на потенцијалните жртви на присилна работа меѓу децата што се бават со улично питачење и препродажба, од кои, најголемиот број се од ромска националност. Државните органи ги сместуваат во дневните центри за згрижување, а нивните родители добиваат предупредување, парична или затворска казна. Во случаите кога судот смета дека родителите не се способни да се грижат за своите деца, истите се упатуваат во домови за деца без родители.
Теренските работници имаат идентификувано вкупно 125 потенцијални жртви на трговија со луѓе, наспроти 94 жртви идентификувани во 2015 година. Теренските работници ги упатуваат жртвите до ЕТЛИМ и МТСП, кои ја вршат официјалната идентификација. Во текот на 2016 година, шест лица беа службено признати како жртви, од страна на соодветните државни органи. Владините органи и невладините организации обезбедуваат заштита и помош за потенцијалните и званично признатите жртви, вклучувајќи и психо-социјална поддршка, рехабилитација, како и услуги за реинтеграција. Сепак, потенцијалните жртви на трговија со луѓе немаа пристап до засолништето со кое раководи државата и услугите на поддршка што таму се нудат, сè додека не бидат и званично идентификувани како жртви, од страна на соодветните државни органи. Државата раководеше со засолниште за жртвите на трговијата со луѓе и прифатен центар за нередовните мигранти, со посебни капацитети наменети за странските жртви на трговија со луѓе. Обата центри имаа можност за сместување мажи, жени и деца жртви. Засолништето под државна управа беше отворено, дури откако власта ја идентификуваше првата званична жртва на трговија со луѓе. Жртвите во ова засолниште имаат целосна слобода на движење, додека на жртвите од други странски држави не им беше дозволено да го напуштаат прифатниот центар за мигранти, сè додека не добијат дозвола за привремен престој во земјата. Во 2015 година, власта го прекина партнерството со невладините организации што нудеа услуги за поддршка во рамки на засолништето под државна контрола. За домашните жртви, постоеше можност за добивање поддршка за реинтеграција, вклучувајќи и образование и вработување. Не постоеја специјализирани услуги и помош за жртвите мажи, а власта не обезбеди ниту посебни услуги што би им биле достапни на жртвите со попреченост или инвалидитет.
Законот предвидува период од два месеци за жртвите кои се странски државјани, во кој истите можат да размислат и одлучат дали ќе сведочат против сторителите, како и добивање на шест месечна дозвола за привремен престој во земјата, без разлика дали тие ќе сведочат или не. Во текот на 2016 година, ниту една жртва од странска држава не побарала дозвола за престој во земјата. Според податоците на МТСП, 12 од вкупно 125-те потенцијални жртви, помагале во текот на првичната истрага, а две од шесте званично идентификувани жртви дале исказ против наводните сторители на делата. Според владините извештаи, во текот на 2016 година, ниту една жртва не побарала услуга на заштита во својство на сведок. Иако жртвите имаат право да бараат надомест на штета во граѓанска постапка, поради сложеноста на постапката, ниту една жртва досега немала успех во остварувањето на ова право. Владата продолжи со напорите за воспоставување компензациски фонд за надомест на жртвите, преку кој државните органи би биле во можност на жртвите да им исплаќаат надомест, што би се финансирало преку продажба на запленетиот имот и другите приноси од казнивите дела. Невладините организации поднесоа нацрт закон, кој предвидува надомест на штета за жртвите, без потреба од поднесување тужба во граѓанска постапка. Иако не постојат податоци или извештаи за жртви на трговија со луѓе, кои биле казнети поради сторени незаконски дела како директна последица од нивната изложеност на трговијата со луѓе како жртви, во текот на изминатите години, полицијата не барала од единицата за борба против трговија со луѓе да обрне посебно внимание врз контролата и можната идентификација на потенцијални жртви на трговија со луѓе, помеѓу танчарите и другите затечени лица при вршењето контроли во ноќните клубови, за кои постојат сомневања дека се вклучени во трговијата со луѓе за потребите на сексуална експлоатација.
ПРЕВЕНЦИЈА
Владата ги зајакна мерките и активностите во сферата на превенцијата. Државната комисија за борба против трговијата со луѓе, која се состои од претставници од различни владини агенции, меѓународни и невладини организации, одржуваше редовни состаноци и подготви и усвои национална стратегија и акциски план, за периодот од 2017 до 2020 година. Зголемувањето на институционалната ефикасност и превентивните мерки се наведени како приоритети на националната стратегија и акцискиот план. Сепак, Владата сè уште нема предвидено финансиски средства за нивно спроведување. Во месец април, Владата назначи национален известувач, кој е одговорен за известување и следење на спроведувањето на политиките за борба против трговијата со луѓе. Дополнително, во месец август, Владата назначи и национален координатор, кој раководи со Националната комисија и врши координација на целокупните напори и активности против трговијата со луѓе. Владата основаше три локални комисии за борба против трговијата со луѓе (во Прилеп, Гевгелија и Велес), а помогна и во развојот на првиот локален акциски план за борба против трговијата со луѓе во рамки на овие комисии. Според тврдењата на Владата, таа врши следење на преземените мерки и активности во борбата против трговијата со луѓе, меѓутоа, извештаите за извршената оценка не беа достапни за јавноста. Владата не финансираше конкретни кампањи за подигање на јавната свест, меѓутоа, во соработка со невладините организации, се вклучи во организацијата на одредени кампањи и обезбедуваше работен простор, транспорт и логистичка поддршка. На воспоставената телефонска линија за помош и поддршка беа примени 219 повици со информации. Ниту еден од овие повици не резултираше со поведување истрага или идентификација на жртва. Во партнерство со невладините организации, власта организираше едукативни семинари за ромските студенти, наставен кадар и невладини организации, во однос на ризиците поврзани со принудните бракови меѓу малолетните лица. Власта не презеде дополнителни напори и активности, насочени кон намалување на побарувачката на сексуални услуги или присилна работа. Државата ги предупредуваше своите граѓани што патуваат во странство, во врска со лажните понуди за вработување во државите од Шенген зоната. За своите претставници во дипломатските служби, Владата обезбеди основна обука за трговијата со луѓе, како и дистрибуција на прирачник за спречување на трговијата со луѓе поврзана со домашното робување во дипломатските домаќинства.
ПРОФИЛ НА ТРГОВИЈАТА СО ЛУЃЕ
Како што беше посочувано во текот на изминатите пет години, Република Македонија претставува извор, транзитно подрачје и крајна дестинација за мажи, жени и деца, кои се жртви на трговија за цели на сексуална експлоатација и принудна работа. Жените и девојчињата во Македонија се предмет на сексуална експлоатација и принудна работа во ресторани, барови и ноќни клубови во земјата. Странските државјани кои се предмет на сексуална експлоатација во Република Македонија, вообичаено потекнуваат од Источна Европа, особено од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Романија, Србија и Украина. Во јужна, централна и западна Европа, македонските државјани и странските жртви што минуваат низ Македонија се изложени на сексуална експлоатација и принудна работа во градежниот сектор и земјоделието. Децата, претежно Роми, се изложени на принудно питање и сексуална експлоатација преку принудни бракови. Мигрантите и бегалците, а особено жените и малолетните лица без придружба што патуваат или се шверцуваат низ Македонија, се изложени на можна трговија. Студентите се ранлива категорија поради лажните ветувања за вработување во некоја од европските земји. Трговците со луѓе често ги поткупуваат полициските службеници и трудовите инспектори. Одреден број полициски службеници беа предмет на истрага и истите беа осудени за соучесништво во трговијата со луѓе.