Борба против корупција и заробената држава во Југоисточна Европа

Заменик помошник државен секретар Александар Арвизу

Скопје, Македонија 29 септември 2016

Благодарам за можноста да ги претставувам моите колеги од Владата на Соединетите Држави, вклучувајќи ја и Агенцијата на Соединетите Држави за меѓународен развој, која имаше клучна улога во организирањето на оваа конференција. Амбасадорот на Соединетите Држави во Македонија, Џес Бејли, не е во можност да ни се придружи, но за мене претставува привилегија да ги пренесам неговите желби за успешна и продуктивна средба.

Вие бевте избрани да бидете дел од оваа програма поради една едноставна причина: веруваме дека секој од вас може да направи позитивна промена за иднината на оваа земја, на Југоисточна Европа, и на светот. Инвестиравме во вас и во оваа конференција, бидејќи веруваме дека вашето лидерство и вашиот ангажман ќе го направат овој регион попросперитетен, послободен и побезбеден. Повеќе размена на луѓе и идеи; повеќе трговија; развој на повеќе заеднички вредности засновани на уникатната историја и наследство на секоја земја го прават овој регион и Америка подобри места за нашите граѓани, а и не зближуваат.

Една изрека што се користи во мојата земја уште од прогласувањето на назависноста вели дека “цената на слободата е вечната будност.” Ова е особено точно кога станува збор за борбата против ширењето на корупцијата. Како поранешен американски амбасадор во овој регион, знам, исто како и вие, дека корупцијата постои тука, во оваа земја; во овој регион, како и во светот, вклучувајќи ги и Соединетите Држави. Факт е дека секогаш ќе постои во одреден степен. Сепак, не можеме да седиме мирно. Не можеме да дозволиме таа да превземе контрола врз државата, да ја поткопа довербата на граѓаните во владата и нејзините институции, или да стане замена за владеењето на правото.

Кога тоа се случува, тоа ги ‘рѓосува, ги ослабнува, и на крај ги уништува темелите врз кои почива демократијата. Корупцијата го парализира ефикасното и одговорно владеење, потребно за развој на слободата. Тоа отвора патишта за криминалците, за насилните екстремисти и за терористите. Гледаме како тоа постојано се случува, вклучувајќи и во места кои не се далеку од овде. Поради тоа, државниот секретар Кери ја прогласи борбата против корупција за приоритет на националната безбедност и ги повика сите национални влади да го направат истото.

Дури и навидум не толку малигна корупција нема да ја уништи земјата, но ќе ја закочи. Тоа е данокот што го плаќаат сите граѓани – иако најмногу им штети на најслабите, најсиромашните и најранливите. Ги прави заедниците помалку компетитивни, помалку безбедни, и помалку слободни. Како што државниот секретар Кери изјави, “нема ништо поразочарувачко, подеструктивно, и поослабнувачко за граѓаните од убедувањето дека системот е наместен против нив.” Поради тоа, борбата против корупцијата мора да биде константна, силна и поддржана како од лидерите, така и од засегнатите граѓани.

Мора да ги искористиме сите ресурси што ни стојат на разсполагање за да се соочиме со корупцијата: преку закони и нивното спроведување; преку технологија и алатки кои ја зголемуваат транспарентноста и одговорноста; и преку спроведување на формални и неформални стандарди кои имаат ниско ниво на толеранција за официјалната и неофицијалната корупција. Оваа работа – што треба да ја направи и државата и граѓанското општество – може да биде напорна и фрустрирачка. Исто така, може да изгледа дека е тешко да се постигне прогрес и дека успехот никогаш не е блиску. Како и да е, апсолутно е потребно да се прават напори: потребни се бидејќи многу зависи не само од победите, туку и од самата борба. Ова го велам, затоа што кога граѓаните очекуваат корупција од јавните службеници, или корупцијата стане сеприсутна во приватниот сектор, тоа влијае врз се, од наплатата на даноците, до здравствените и безбедносните стандарди, па се до легитимноста на властите, судовите, војската и полицијата.

Во Македонија, вие ја имате препознаено важноста на одговорноста и на независната истрага по обвинувања за корупција. Соединетите Држави и меѓународната заедница ја поддржуваат одлуката на четирите најголеми политички партии за формирање на специјален обвинител кој ќе ги разгледува наводите за злоупотреба на функција. Можноста специјалниот обвинител независно и темелно да води истраги и да гони случаи на корупција се многу важен чекор напред за Македонија и потврда за овдешното население дека владата треба да е одговорна пред граѓаните. Ги поттикнуваме сите политички партии да продолжат да ја поддржуваат непречената работа на специјалниот обвинител.

Меѓународната соработка игра важна улога во борбата против корупцијата, а земјите можат да ги научат најдобрите искуства едни од други. Мораме постојано да бидеме будни, секогаш да бараме да се развиваме и да ја прилагодуваме борбата на новите форми на корупција. Нашите етички закони и регулатива во Соединетите Држави се развиле врз основ на идентификување на нови форми на корупција и коруптивни практики, како тие што се користат од криминалците во нашата земја, така и од транснационалните криминални организации кои оперираат ширум светот. Македонија мора да го потврди своето место во Европа и во светот преку исполнување на регионалните и меѓународните норми на транспарентност и почитување на стандардите. Доколку не делува така, резултатите се непријатни. Кога една земја ќе добие репутација дека е коруптивна, таа привлекува и охрабрува лоши актери и криминалци, истиснувајќи ги легитимните инвестиции и ангажмани и во крајна линија, зголемувајќи ги трошоците за водење бизнис, намалувајќи ја конкурентноста.

Постоењето на еден ефикасен режим против корупција е прочистувач што ја зголемува довербата на бизнисите и граѓаните, како дома така и на меѓународните партнери во Соединетите Држави, во Европската Унија, и ширум светот. Знаете дека ова се огромни предизвици, но исто така треба да знаете дека во оваа борба не сте сами. Спонзорите на оваа конференција; учесниците кои ќе ги слушнете во следните два дена; невладините организации и организациите од граѓанското општество; и владите кои го поставиле ова прашање како приоритет ќе ве поддржат во вашите напори. Искористете ја можноста да се запознаете со многу од нив овде, на оваа конференција.

Една од тие влади за кои борбата против корупцијата е приоритет е Владата на Соединетите Држави. Ова го потенцира претседателот Обама, а е потенцирано и на состаноците на лидерите на Г7, Г20, во Обединетите Нации и на самитите. Сепак, според мене, се што правиме билатерално и на тие состаноци во соработка со други, е тоа што ја поставуваме масата за вас: бидејќи вие сте тие што превземате активности тука. Вие го одредувате тонот. Вие ги придвижувате политиките, законите, истрагите, виеги одредувате очекувањата и нивото на толеранција за корупција во вашите заедници. Без вас, најавите на претседателите и премиерите имаат мало значење. Со вас, текот на животите и просперитетот на вашиот народ и нивното место во светот може да се подобрат.

Вие сте тука бидејќи сакате да се вклучите во нашите напори за намалување на корупцијата, и во името на мојата Влада, сакам да ви се заблагодарам за се што правите и што ни давате можност да бидеме ваши партнери во оваа значајна работа.

###