“Младите за општество без корупција” Регионален Натпревар

Официјален натпревар за ученици и правила на натпреварот

Се организира годишен регионален антикорупциски натпревар за ученици (спонзориран од Министерствата за надворешни работи и правда на Соединетите Американски Држави, како и амбасадите на САД во Албанија, Босна и Херцеговина, , Косово, Македонија, Србија, Хрватска и Црна Гора), со цел, учениците од Балканот да се поттикнат да развиваат кампањи за подигање на јавната свест против нетолеранцијата и за отфрлањето на корупцијата. Учениците ќе дизајнираат постери за борба против корупцијата (во основните училишта) и ќе изработуваат рекламни видеа за јавните услуги, со кои ќе се натпреваруваат за национално и регионално признание и за електронски уреди (Kindle, Go Pro камери и iPad уреди) што ќе бидат доделени на авторите на најуспешните кампањи за борба против корупцијата. 

“Младите за општество без корупција” – #bezkorupcije, #безкорупција #pakorrupsion, #corruptionfree 

Опис на целите на натпреварот

Амбасадите на САД во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Србија, Хрватска и Црна Гора организираат натпревар за ученици од основни и средни училишта во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Србија, Хрватска и Црна Гора, со цел да се промовираат заедничките вредности, што ги споделуваат младите од Соединетите Држави и од регионот – борбата против корупцијата во сите нејзини форми. Целта на натпреварот е јакнење на способноста на младите луѓе да замислат и предвидат подобри општества засновани на нулта толеранција за корупција. 

Кој може да се натпреварува:

Ученици од 5-то до 8-мо одделение можат да се натпреваруваат во делот од натпреварот наменет за основни училишта, додека пак сите ученици од средните училишта (од 1-ва до 4-та година) можат да се натпреваруваат во делот наменет за средните училишта.

Сите апликанти кои сèуште немаат наполнето 18 години, како прилог на пријавата за учество во натпреварот, треба да достават и потпишана и скенирана изјава од родител или законски старател, дека се согласуваат со нивното учество на натпреварот.

Изјавата треба да биде со следнава содржина: Јас, долупотпишаниот (име и презиме), во својство на родител или законски старател на учесникот во натпреварот, изјавувам дека се согласувам (име и презиме на детето) да учествува во сите фази од натпреварот и потврдувам, колку што мене ми е познато, дека поднесените материјали се оригинални дела, самостојно изработени од учесникот во натпреварот.

Учениците што веќе имаат наполнето 18 години треба да приложат потпишана и скенирана изјава со следната содржина: Јас, долупотпишаниот (име и презиме), потврдувам дека поднесените материјали се оригинални и дека истите целосно ги имам самостојно изработено. 

Платформи

Натпреварот ќе се одвива преку YouTube платформата за споделување на видео материјали и преку страницата “Bez Korupcije Без корупција Pa Korrupsion” на Facebook. Сепак, посочуваме дека YouTube и Facebook не се ниту партнери, ниту организатори на натпреварот. Сите учесници во натпреварот сакаме да ги потсетиме дека со земањето учество во натпреварот и со внесувањето на своите содржини на YouTube или Facebook, тие преземаат обврска за почитување на нивните услови и правила за користење на овие платформи, како и сите евентуални договорни обврски во однос на трети лица што произлегуваат од истите.

Пријавите и материјалите за овој натпревар можат да се објавуваат и промовираат преку различни социјални медиумски платформи, вклучувајќи ги Facebook и Twitter. Сепак, посочуваме дека Facebook и Twitter не се ниту партнери, ниту организатори на натпреварот и поднесувањето на сите пријави и материјали и целокупната комуникација во врска со натпреварот ќе се одвива преку електронска пошта и YouTube. 

Како да се пријавите 

За учениците од основните училишта:

Учениците од основните училишта ги повикуваме да изработат постер на зададената тема на натпреварот: Младите за општество без корупција! На кој начин сметате дека корупцијата влијае врз вас и вашата заедница и што сакате да се промени? Како можете да ја прекинете или спречите корупцијата во вашето училиште, во заедницата и општо гледано во секојдневниот живот? Што би сториле за унапредување на меритократијата во училиштето – едукативно опкружување без мамење и плагијати? Постерот треба да има наслов и/или слоган и мора да биде лично и оригинално дело на поединечен ученик. За сите евентуални повреди на било какви права на интелектуална сопственост одговара самиот натпреварувач, а не организаторот на натпреварот. Секој натпреварувач може да учествува во натпреварот со само еден постер.

Постерите можат да се испраќаат во електронски формат, скенирани како PDF или JPG фајл односно слика, прикачена кон електронска порака која ги содржи сите неопходни податоци за контакт со авторот или во оригинал, по пошта или сервис за доставување, со придружно писмо кое ќе ги содржи податоците за контакт со авторот. Начинот на кој ќе бидат испратени постерите нема никакво влијание врз нивното оценување.

Учениците од 5-8 одделение што ќе одлучат своите постери да ги достават во електронски формат, истото треба да го сторат така што својот скениран постер ќе го испратат на електронската адреса bezkorupcije2017@gmail.com или (за постери на албански јазик) на адресата pakorrupsion@gmail.com, заедно со скенираната изјава за согласност од нивниот родител или законски старател. Пораката кон која ќе биде прикачен самиот постер треба да ги содржи и личните податоци за натпреварувачот: Име и презиме, држава на постојан престој, одделение или година и училиште, електронска адреса за контакт и телефонски/мобилен број, како и назив или слоганот на постерот. Во полето предвидено за предмет на електронската порака треба да се наведе називот на натпреварот – Без корупција! Постерите и изјавите за согласност што се испраќаат во електронска форма треба да бидат во PDF или JPG формат.

За учениците од средните училишта:

Учениците од средните училишта ги повикуваме да изработат оригинално видео на темата на натпреварот: Младите за општество без корупција. На кој начин корупцијата влијае врз вас, вашата заедница и општеството во вашата држава? Што би сакале да се промени? Како можете да ја прекинете или спречите корупцијата во вашето училиште, во заедницата или општо земено во секојдневниот живот? Што би сториле за унапредување на меритократијата во училиштето – едукативно опкружување без мамење и плагијати? Внесете го видеото со ваше корисничко име, означувајќи го истото со хаштагот #безкорупција. Вашето видео може да биде во било кој формат и големина кои се прифатливи за YouTube, меѓутоа, не смее да биде подолго од три минути. Откако видеото ќе го поставите на YouTube, истото се смета за конечно и не е дозволено никакво негово понатамошно модификување, монтирање или заменување. Секој учесник во натпреварот има право да се натпреварува само со едно видео. Поднесеното видео мора да биде оригинално дело изработено од само еден ученик и неговата должина треба да биде помеѓу 1.5 и 3 минути. Од видеата се очекува, на еден креативен и иновативен начин да се осврнат на прашањето, како секој од нас може да се бори против корупцијата во секојдневниот живот.

Учениците од 1-4 година во средните училишта своите видео материјали треба да ги постават на YouTube користејќи го хаштагот #bezkorupcije. Откако своето видео ќе го постават на YouTube, учесниците треба да испратат електронска порака на адресата bezkorupcije2017@gmail.com или pakorrupsion@gmail.com за учество на албански јазик, со линк до видеото и податоци за учесникот во натпреварот: Име и презиме, датум на раѓање, домашна адреса, година и училиште, електронска адреса за контакт и телефонски/мобилен број, како и назив на видеото. Во полето предвидено за предмет на електронската порака треба да се наведе називот на натпреварот – Без корупција, а кон пораката, во зависност од возраста на учесникот, треба да се приложи и потпишаната изјава за согласност или потврдата дека станува збор за оригинално дело. Потврдата треба да биде приложена во PDF или JPG формат.

Сите пријави што нема да ги содржат предвидените изјави за согласност/потврди ќе бидат дисквалификувани. Со самото учество во натпреварот и доставувањето на своите постери и видеа, учесниците во натпреварот се согласни истите да се објавуваат на социјалните и другите медиуми.

Процес на селекција

Сите поднесени дела ќе бидат разгледани од стручна комисија, а најдобрите во сите категории ќе бидат избрани врз основ на следниве критериуми: креативност, иновативност, разбирање на прашањата и проблемите поврзани со корупцијата, идеи и сугестии и севкупен впечаток. Техничката изведба, користената технологија и квалитетот на сликата нема да бидат од пресудна улога во процесот на селекција, меѓутоа, комисијата ќе обрне внимание и на овие елементи. При изборот на најуспешните дела, стручната комисија ќе ги земе предвид возраста и зрелоста на учесниците во натпреварот.

Комисијата ќе избере национални победници во обете категории, регионални победници во обете категории и еден севкупен регионален победник.

Организаторот го задржува правото на целосно разгледување и одобрување на сите доставени материјали, предлози и сугестии, со можност за евентуално одбивање на истите, доколку истото е потребно за да се спречат евентуалните манипулации и неправилности.

Сите поднесени дела ќе бидат јавно достапни преку Facebook страницата на натпреварот “Bez Korupcije Без корупција Pa Korrupsion”, а учесниците во натпреварот можат да ги поканат своите пријатели да го поддржат нивниот избор и да гласаат за нивните дела (со Like), што би било од помош за членовите на комисијата, кои сепак, својот избор на победници ќе го прават самостојно, односно, наградите ќе бидат поделени само врз основа на гласовите на стручната комисија.

Натпреварот започнува на 6 ноември 2017 година. Пријавите можат да се доставуваат од 6 – 27 ноември.  Оценувањето на пристигнатите дела започнува на 28 ноември 2017 година, а ќе заврши на 5 декември 2017 година. Победниците ќе бидат официјално објавени и известени пред 9 декември 2017, Меѓународниот ден за борба против корупција, преку страницата “Bez Korupcije Без корупција Pa Korrupsion” на Facebook и социјалните медиуми на кои се присутни амбасадите на САД.

Барања и услови во однос на содржината 

а.        Поднесените дела не смеат да содржат безобразности, експлицитна сексуална содржина, голотија, вулгарности, графичко насилство, повици или поттикнување на насилство, комерцијални барања или комерцијално рекламирање. Сите поднесени дела мораат да се придржуваат кон домашните закони и не смеат да содржат текстови или слики што би можеле да бидат оценети како навредливи, распалувачки, клеветнички или неучтиви кон било кој од организаторите на натпреварувањето, или кон било кои други групи, поединци или институции. Сите поднесени дела, и на изглед и реално, мораат да бидат изработени согласно општо прифатените норми за цивилно однесување. Со други зборови, од содржински аспект, сите дела мораат да бидат прифатливи за целокупната општа јавност и публика.

б.       Делата мораат да бидат со оригинална содржина, да бидат изработени од учесникот во натпреварот и не смеат да содржат било какви елементи што се предмет на нечие туѓо авторско право или предмет на права на интелектуална сопственост или сопственички права на трети лица, вклучувајќи ги и правата на приватност и публицитет (освен во посебно предвидените исклучоци наведени подолу во точката (г)). Организаторите на натпреварот не одобруваат никаков вид на “правично користење” туѓи материјали заштитени со авторски права, ниту пак одобруваат и дозволуваат користење лиценцирани материјали изработени или пак во сопственост на трети лица.

в.        Организаторите на натпреварот го задржуваат своето единствено и апсолутно право на дисквалификација на било кое поднесено дело, кое не ги задоволува пропишаните критериуми и намерата и содржината на овие званични правила за натпреварот.

г.        Во случај на било какво прашање или разлики во врска со придржувањето, толкувањето или примената на овие барања и услови во однос на содржината на пријавените дела или другите одредби од овие званични правила за натпреварот, организаторите на натпреварот го задржуваат своето исклучиво право на целосно разрешување на таквите прашања и разлики во мислењата по сопствено наоѓање.

д.       Со самиот чин на поднесување постер или видео материјал во рамки на натпреварот, учесникот потврдува дека има обезбедено писмена согласност од сите лица чии слики или ликови се прикажани во видеото или на постерот (или пак од нивните родители или законски старатели, доколку прикажаното лице се смета за малолетно лице во неговата или нејзината држава на постојан престој) и дека ги има обезбедено и ги поседува сите права, лиценци, согласности и дозволи што се потребни за употребената музика, искористените слики, текстови и останатата содржина на конкретното дело. Учесниците преземаат и обврска, доколку е потребно и по добиено барање, да ја достават целокупната релевантна документација во однос на сите или некои од овие согласности, лиценци и слично. Доколку учесникот ги нема обезбедено таквите права, согласности за лиценца и дозволи, тогаш организаторот на натпреварот по сопствено убедување може да го дисквалификува поднесениот видео материјал.

ѓ.        Монтирање на видео материјалот: Дозволени се сите конвенционални техники за монтажа на видео материјали. Видеата можат да бидат монтирани со помош на било која програма и во било кој формат, меѓутоа, тие мора да бидат компресирани и поднесени во формат кој може да се постави и репродуцира  преку видео платформата на YouTube.

Право на учество

а.         Учесниците во натпреварот мора да се редовни ученици и мораат да имаат наполнето 10 години на денот кога се пријавиле за учество во натпреварот. Секој учесник кој сèуште нема наполнето 18 години мора да обезбеди изјава за согласност од својот родител или законски старател, како што е опишано погоре во текстот под наслов “Како да се пријавите”. Учесниците мораат да бидат државјани на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Црна Гора или Србија, а не државјани на САД или пак лица со законски регулиран постојан престој во Соединетите Држави.

б.         Како натпреварувач се смета лицето што го изработило и пријавило делото и тоа лице е единствениот поединец што има право да се натпреварува за наградите. На овој натпревар не можат да се пријавуваат организации и тоа ниту како субјекти, ниту пак преку некои од своите овластени претставници. За да може да се натпреварува за наградите, секој учесник во натпреварот мора да достави комплетни и точни информации.

в.         Следниве лица не можат да учествуваат во натпреварот: вработени лица, стажанти, директори и службеници кај организаторот на натпреварувањето или во владините агенции и органи на САД, како и сите вработени, стажанти, директори и службеници кај останатите агенции, компании или субјекти што учествуваат во администрацијата, рекламирањето, оценувањето, креирањето, развојот, спроведувањето и/или реализацијата на овој натпревар, како и членовите на нивните потесни семејства (сопружници, законски признати партнери, родители, деца, браќа и сестри и нивните сопружници или лица што се стекнале со такво сродство по основ на брак) и лицата што живеат во исти домаќинства со овие лица.

г.          Откако пријавата ќе биде прифатена и делото ќе стане дел од натпреварот, името на натпреварувачот (или неговата натпреварувачка шифра, доколку лицето сака да остане анонимно) ќе биде јавно објавено по избор на самиот натпреварувач.

д.         Победниците би можеле да бидат поканети да присуствуваат на посебен настан за прогласување на победниците во организација на организаторот на натпреварот.

Избор на победници 

а.         Сите дела пријавени за учество во натпреварот ќе бидат предмет на првична оценка од страна на вработените во Амбасадата на САД, за да се обезбеди целосно придржување кон официјалните правила на натпреварот. Пријавените дела што не се придржуваат кон барањата и условите на натпреварот нема да бидат разгледувани и објавени. Амбасадата на САД го задржува своето исклучиво и апсолутно право на конечна анализа, односно контрола дали потенцијалниот финалист или потенцијалното дело за влез во финалниот избор целосно ги почитува официјалните правила на натпреварот, пред истото да биде поставено на официјалниот сајт, да му се додели награда, да биде прогласено за победник и слично.

а)      Судии: Стручната комисија што ќе ги оценува пристигнатите дела ќе се состои од  лица што се вработени во Амбасади на САД во земјите учеснички во натпреварот.

б)      Критериуми за оценување на пријавените дела: Најуспешните дела ќе ги избере стручна комисија. Комисијата ќе ја цени креативноста и фантазијата во раскажувањето и оригиналноста на идејата. Техничката изведба и користената технологија нема да бидат од пресудно значење при оценувањето на делата. Судиите ќе ја имаат предвид возраста и зрелоста на натпреварувачите. Сите дела ќе бидат оценети со оценка од 1 до 5.

в)      Победници: Секој победник и/или финалист ќе треба да потпише и до организаторот на натпреварот да достави изјава за подобност и потврда за одговорност/публицитет, како и да достави кратка биографија (каде е потребно) и кус коментар во однос на самото дело; во спротивно, победникот или финалистот не ќе може да се квалификува за било која од наградите. Доколку организаторот на натпреварот не успее да воспостави контакт со некој од потенцијалните победници, истото може да резултира во нивна дисквалификација и/или избор на некој друг победник од преостанатите дела што биле издвоени.

г)      Победниците и финалистите можат да бидат објавени на веб страницата на Амбасадата и/или на социјалните медиуми. Победниците и финалистите имаат право да изберат да користат прекар или псевдоним наместо нивното вистинско име и можат да побараат нивните лични податоци да не бидат споделувани со јавноста. 

Награди:        Прва награда: iPad Mini 2

                        Втора награда: GoPro камера

                        Трета награда: Kindle уред

Победниците мораат да го потврдат прифаќањето на наградата со испраќање на електронска порака и тоа во рок од три календарски дена по добиеното известување за наградата. Доколку прифаќањето на наградата не биде потврдено во предвидениот рок, организаторот на натпреварот има право да избере нов победник. Секој добитник мора да достави податоци за валидната физичка адреса на која би се испратила наградата, доколку таква постои. Организаторот на натпреварот не презема никаква одговорност во однос на евентуални проблеми при испораката на наградата, меѓу другото и за евентуална кражба, каснење, оштетување или уништување/случајно губење на пратката.

  1. Било кој неискористен дел од наградата не може да се пренесува на друго лице, не може да се конвертира, заменува и не може да се бара да биде исплатен во готово. Добитникот на наградата има исклучива одговорност да ги плати сите евентуални даноци што произлегуваат од добиената награда, како и да ги исполни обврските во однос на финансиското известување по основ на остварениот приход. 

Одговорност и права 

а.   Делата и пораките искажани во нив не секогаш го одразуваат ставот и мислењето на организаторот на натпреварот и организаторот не прифаќа никаква одговорност во однос на поднесените дела или потенцијалните спорови што би можеле да произлезат помеѓу евентуалните соработници, а во врска со некое од поднесените дела.

б.   Самиот натпревар и неговиот организатор не дозволуваат никакви повреди на авторските права или повреда на било кои други права од интелектуална сопственост, а организаторот на натпреварот го задржува правото за отстранување и дисквалификација на сите дела за кои ќе се оцени дека повредиле нечие авторско право или било кое друго право од интелектуална сопственост.

в.   Учесниците во натпреварот се согласни на организаторот на натпреварот да му дадат можност да ги користи сите пријавени дела за потребите на оценувањето во рамки на натпреварот. Финалистите и/или победниците се должни на организаторот на натпреварот на соодветен начин и во постапка што нив им одговара, да му ги отстапат сите авторски права врз делото низ целиот свет, без исклучоци и без понатамошен надомест, со можност за лиценцирање на делото и издавање преносни лиценци за употреба, репродукција, дистрибуција, изработка на изведени дела и/или негово прикажување, во било кој медиумски формат и преку било кои медиумски канали без никакви временски ограничувања, а во врска со активностите и постапките поврзани со натпреварот.

г.    Натпреварувачите ги преземаат сите обврски поврзани со поднесувањето на делото и материјалите, односно содржината на истите, како и евентуалните последици од нивното поднесување или објавување.

д.   Организаторот на натпреварот го задржува правото во било кој момент, да врши проверка на валидноста на пријавените дела на натпреварот и нивните автори и да ги дисквалифицира сите учесници во натпреварот и нивните дела за кои ќе се оцени дека не се во согласност со овие официјални правила за натпреварот. Организаторот на натпреварот го задржува и правото да бара дополнителни докази и документација, по сопствено наоѓање, секогаш кога тоа е потребно за да се утврди дали потенцијалниот натпреварувач ги исполнува барањата и условите за учество и се придржува кон овие официјални правила за натпреварот.

ѓ.    Доколку организаторот на натпреварот не е во можност да обезбеди некоја од ветените награди или дел од истите, тој го задржува правото да изврши замена на предвидената награда со некоја друга награда, со иста спецификација и иста или поголема вредност од ветената.

е.   Организаторот на натпреварот го задржува правото, во било кој момент и по сопствено наоѓање, да врши дисквалификација и/или оценка на квалификуваноста на бил кој поединец за кого е разумно убеден дека (i) ги повредил официјалните правила на натпреварот; (ii) ги прекршил правилата за употреба на платформата, или (iii) не постапува со добра волја, односно постапува на неспортски и неправичен начин, или пак со намера да предизвика непријатност, да вознемири, да злоупотреби, да се закани или да вознемири некое друго лице.

ж.  Организаторот на натпреварот го задржува правото, доколку по сопствено наоѓање смета дека е потребно, од било која причина, да го менува, одлага, прекине или откаже натпреварот.

з.   Учесниците во натпреварот се согласни организаторот на истиот да го ослободат од сета одговорност и да му ја надоместат евентуалната штета, како и на неговите претпријатија мајки, претставништва и поврзани претпријатија, службеници, директори, вработени, стажанти и агенти, во случај на било какви тужби, барања за надомест на штета, задолженија, загуби, обврски, трошоци или долгови и расходи (вклучувајќи ги меѓу другото и евентуалните адвокатски трошоци) што би можеле да произлезат како резултат на (i) повреди на овие официјални правила за натпреварот; (ii) повреда на права на било која трета страна, меѓу другото вклучувајќи ги нивните авторски права, трговски марки, интелектуална сопственост, права на приватност, публицитет и други сопственички права во врска со натпреварот; или (iii) било какви тужби за предизвикана штета преку пријавеното дело за трети лица, вклучувајќи и финансиски загуби. Ваквата обврска за ослободување од одговорност и надомест на сите евентуални штети на организаторот на натпреварот продолжува неограничен временски период и по завршувањето на натпреварот.

  1. Спроведувањето на натпреварот, оценувањето и доделувањето на наградите ќе се изврши во целосна согласност со релевантните закони во САД и применливите закони на државата домаќин. Во случај на конфликт помеѓу валидните законски одредби во САД и оние на државата домаќин, ќе се применува законодавството на САД.

и.   Организаторот на натпреварот и Владата на САД ќе преземат соодветни мерки за заштита на личните податоци, информациите што можат да помогнат за лична идентификација, како и на другите чувствителни податоци на натпреварувачите. Податоците за контакт што ќе ги достават учесниците во натпреварот може да се чуваат во Амбасадата на САД во Загреб и можат да се користат за стапување во контакт со натпреварувачите и за други цели во иднина. Овие информации можат да бидат споделени со останатите организатори и/или да им се стават на располагање на трети лица на начин и во обем како што е предвидено со законот.

ј.    Организаторите на натпреварот не преземаат никаква одговорност или обврска за надомест на било каква загуба или штети што би произлегле од обидот за учество или учеството на било кое лице во натпреварот, или способноста или неможноста да се внесе, симне, да се испрати по пошта или преку служба за испорака на пратки или на друг начин да се поднесе материјалот за учество во натпреварот или да се пристапи до информации во врска со учеството во натпреварот. Организаторот на натпреварот не презема никаква одговорност за било какви проблеми поврзани со испраќањето на делата за натпреварот, меѓу другото, вклучувајќи и проблеми поврзани со евентуална кражба, каснење, оштетување или уништување/случајно губење на делото од страна на транспортерот, технички проблеми или технички оштетувања што би произлегле како резултат на пријавувањето за натпреварот, вклучувајќи го следново: грешки во хардвер или софтвер; нефункционални компјутери, телефони, кабли, сателити, мрежи, електронски, безжични или интернет врски, или други комуникациски проблеми преку интернет мрежата; грешки или ограничувања кај одредени провајдери на интернет услуги, сервери, домаќини или провајдери; расипан, измешан или погрешен пренос на податоци; неуспешно испраќање или примање електронски пораки; загубени, задоцнети или пресретнати електронски пораки; целосна или делумна непристапност до сајтот за натпреварот од било која причина; густ и спор интернет сообраќај или оптовареност на сајтот за натпреварот; неовластено мешање во реализацијата на натпреварот од страна на други лица или други фактори, меѓу другото и поради неовластено менување, хакирање, кражба, вируси, багови, црви; или пак оневозможување на било кој од аспектите на натпреварот, или губење, погрешно броење, погрешно насочување, непристапност или недостапност на електронска пошта која се користи во врска со натпреварот.

к.   Користењето на сајтот предвиден за натпреварот е на ризик на самите учесници во натпреварот. Организаторот на натпреварот не презема одговорност за евентуални лични повреди, материјални штети или загуби од било кој вид, кои би можеле да бидат предизвикани кај компјутерската опрема како резултат на учеството во натпреварот, користењето на сајтот за натпреварот или поради симнувањето информации од истиот. Со самото учество во натпреварот, натпреварувачите го ослободуваат организаторот на истиот од било каква одговорност која би можела да произлезе од или да биде во врска со учеството во натпреварот, брз разлика дали истата била предизвикана директно или индиректно преку учеството во натпреварот.

л.   Организаторите на натпреварот не признаваат никаква одговорност во случај на одлагање или откажување на било кој дел од натпреварот поради временски неприлики, пожар, штрајк, воени дејствија или терористички акти или било кои други причини.