Говор на амбасадорот Џес Бејли по повод прославата на Денот на независноста на САД

29 јуни 2017 

Добровечер.

Претседател на владата Заев, претседател на Собранието Џафери, министри, пратеници, колеги од дипломатскиот кор, дами и господа, Јас и Кејпи сме среќни и почестени и ви посакуваме добредојде во Амбасадата на САД вечерва на прославата на 241-та годишнина од независноста на Соединетите Американски Држави.

Посебна благодарност до сите бизниси што великодушно го поддржаа овој прекрасен настан – имињата на сите наши спонзори може да ги видите на екранот зад бината. Навистина ја цениме вашата постојана поддршка во изминативе години. Ќе ве замолам да ми се придружите со аплауз да им се заблагодариме за нивната великодушност.

Посебна благодарност  до Леана Таќи и Канита Сума за нивните одлични изведби на нашите државни химни, и до Леа и Д Хаундс што вечерва се грижат за нашето расположение.

На крај, сакам да им оддадам признание на сите мои колеги кои работеа на овој настан уште од почетокот на оваа година. Тиe навистина знаат како да организираат добра забава!

Можеби се прашувате што се сите овие мостови тука и на фотографиите. Луѓето граделе мостови уште од античките времиња – за да преминат реки, долини и груби терени. Тие играат важна улога во историјата на Македонија и на Балканскиот регион, како и во мојата земја.

Како што напишал Иво Андриќ,

Од сите нешта што човекот ги подига и гради ништо не е подобро и повредно во моите очи од мостовите. Припаѓаат на сите и се еднакви за сите, корисни, секогаш градени со смисла, на место каде е потребно преминување, потрајни се од другите градби и не служат за ништо тајно или лошо.”

Мостот е моќна метафора за врски и напредок. Да се градат мостови значи да се зближат луѓето, да се надминат разликите, и да се оди напред. Јас ја гледам Амбасадата на САД како еден таков метафоричен мост – бидејќи работиме со Македонија и со нејзините граѓани врз основa на заеднички вредности со цел да се движиме напред кон остварувањето на заедничките цели.

За тематика за мостови ме поддтикна мојата посетата на мојот роден град Синсинати, Охајо, минатата есен. Исто како и во Скопје, во срцето на градот лежи еден мост и го обликува неговиот идентитет. Тој мост, мостот Роублинг ја опфаќа реката Охајо и ги поврзува државите Охајо и Кентаки.

Кога се отвори пред 150 години, тоа беше најдолгиот мост во светот, титула што ја носеше се додека г-динот Роублинг го доврши мостот на Бруклин во Њујорк 20 години подоцна.

Мостот Роублинг не беше само подвиг на инженерството; тој помогна во повторното обединување на земја која беше поделена од војната. Избувнувањето на граѓанската војна ја прекина неговата изградба. Реката Охајо ја означувашe границата меѓу северот и југот, меѓу Охајо и Кентаки, меѓу слободната држава и државата во ропство.

Кога заврши војната во 1865 година, изградбата повторно започна.  Завршувањето на изградбата, две години подоцна, буквално го обедини градот, ги обедини двете држави и целата нација.
Денес, мостот стои како симбол на економски раст и меѓучовечка поврзаност. Додека стоеше, до овој мост пред три недели, претседателот Трамп ги предизвика Американците “да го вратат нашето наследство како нација на градители и да создадат нови патеки за патување, трговија и откритија.”

Оваа тема, се чини соодветна за овој момент во Македонија. Ова е време за градење на единство меѓу партиите и заедниците за да се постигне заедничка цел – безбедна, просперитетна и демократска Македонија која се движи кон НАТО и ЕУ. Ова е време кога треба да комуницирате со вашите соседи, да ги надминете разликите, и да ја зајакнете регионалната соработка – понекогаш и буквално преку градење мостови и друга инфраструктура.

Градењето на мостови, слично на било која друга градба изградена од луѓето, не е работа која се прави само еднаш. Не можеме едноставно да градиме мост, да вложиме години во планирање, труд, и средства, и откако ќе заврши да го напуштиме и да се надеваме на најдоброто.

Мостот треба да се одржува; има потреба од постојана грижа. На пример, мостот Роублинг се реновираше дури четири пати само во текот на мојот живот.

Симболичните мостови што ги градиме меѓу нашите нации преку соработка и размена исто така бараат негување и оддржување. Од сите нас. Тоа е она што не зближува вечерва.

Мора да продолжиме да работиме заедно да ги зајакнеме врските меѓу нашите земји – без разлика дали преку проширување на бизнисот и инвестициите, преку нашите заеднички воени вежби како што е вежбата Сајбер Гардиан која ќе се оддржи наредниот месец, или преку размена преку нашите студенти и граѓани.

На 4 јули 1776 година, Соединетите Држави ги прекинаа врските со британската круна, прогласи независност, со што започнаа 241 година на репрезентативна демократија. Денес, Обединетото Кралство е еден од нашите најголеми сојузници.

Многу од изминатите 200 години поминувавме во обнова на нашите врски, нашите мостови со Обединетото Кралство и другите европски сојузници. Иако океанот не дели, мостовите на заеднички вредности и цели за глобален мир и просперитет нé поврзуваат. И преку партнерствата тука работиме заедно да градиме посилна иднина за Македонија, иднина во која граѓаните ќе ги уживаат сите бенефиции на демократијата и членството во евро-атлантската заедница.

Во 1777 година, додека нашата војна за независност сеуште беснееше, градот Филаделфија го одбележа првиот Ден на независноста со разрешување на Конгресот и прославување на денот со огномет. Ние ја зачувавме оваа празнична традиција,  и пресреќен сум што вечерва ќе ја споделиме со вас. Ве повикувам да уживате во огнометот за неколку минути, штом се стемни.

Исто така ве охрабрувам да шетате наоколу и одблиску да ги видите нашите декорации, во некои од нив се прикажани најинспиративните и најубавите мостови на целата територија на Соединетите Држави.

Искористете ја можноста да преминете еден мост – да воспоставите нова врска или да обновите некоја постара.

Благодарам што ни се придруживте оваа вечер и уживајте во огнометот и музиката.