Од: Дерек Шоле, советник, Стејт Департмент на САД
Повеќе од 30 години Соединетите Американски Држави и Северна Македонија се непоколебливи партнери. Нашите односи се повеќе од едноставни фрази на поддршка и охрабрување. Ние сме инвестирале во вас и ќе продолжиме да инвестираме од едноставна причина: сакаме да успеете. Инвестираме во вас бидејќи силата, отпорноста и просперитетот на вашата земја придонесуваат да ни биде подобро на сите нас. И токму поради нашите трајни врски и заеднички интереси, сакаме да ја обезбедите вашата иднина како силна европска држава.
Ова беше мојата порака кога го посетив Скопје на почетокот на оваа година, и повторно минатиот месец кога учествував на средбите на државниот секретар Блинкен со премиерот Ковачевски и со министерот за надворешни работи Османи во Вашингтон. Од прва рака чув за напорите што вашата влада и граѓаните ги прават за остварување на вашите цели за евроатлантска интеграција. Ние силно ги поддржуваме овие напори.
Нашите две држави имаат многу работи што им се заеднички. САД и Северна Македонија се силни мултиетнички општества, длабоко посветени на заедничките вредности, вклучително човечкото достоинство и просперитетот за сите граѓани. Како динамични демократии ги избираме нашите претставници за да носат одлуки и да прават тешки избори. Иако демократскиот процес секогаш е пропратен со политички несогласувања и поентирање, вашиот избор не смее да биде на штета на клучните реформи и владеењето на правото. На крај, јас сум убеден дека претставниците на народот ќе постапат во најдобар интерес на земјата, и ќе ја водат напред.
САД се горди што се со Северна Македонија додека таа успешно ги остварува заедничките цели. Северна Македонија долги години беше партнер на САД во делот на безбедноста, а за само неколку години веќе се покажа и како силен сојузник во НАТО. Извонредното претседавање на земјата со ОБСЕ, како вистински лидер, во овие клучни моменти е од витална важност за нашите напори во борбата против ширењето на дезинформации од страна на Русија, и за поддршка на Украина. Заедно направивме важни чекори во јакнењето на демократските институции, владеењето на правото и регионалната енергетска безбедност. Ова е само почеток на едно силно партнерство кое ги надминува границите на нашите земји и се протега до регионалната безбедност и глобалните предизвици.
Извонредните постигнувања и отпорноста на Северна Македонија се вистинска инспирација – а тоа кажува многу и за нејзиниот народ. Имате постигнато многу во вашите три децении независност, а тоа го постигнавте и покрај фрустрациите кога вратите една по друга ви се затвораа пред вас. Со храброст и пожртвуваност ја отворивте вратата за влез во НАТО, и ние бевме покрај вас кога влеговте. Сега се отвори уште една врата. Како што неодамна изјави амбасадорката Агелер, во сржта на вашата одлука е вашиот народ. Следниот чекор напред кон Европската Унија зависи од вас, и знајте дека САД секогаш ќе бидат со вас.
###