Меѓународен извештај за верски слободи во 2022 година

Стејт департментот го објави Меѓународниот извештај за верски слободи за 2022 година, во кој се опишува состојбата на верската слобода во земјите ширум светот.  Целиот извештај можете да го прочитате тука, а делот за Северна Македонија подолу:

СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА
МЕЃУНАРОДЕН ИЗВЕШТАЈ ЗА ВЕРСКИТЕ СЛОБОДИ ВО СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ЗА 2022 ГОДИНА

Извршно резиме

Уставот забранува дискриминација на верска основа и ја гарантира слободата на вероисповед и правото на верско изразување. Тој обезбедува еднаквост пред законот за сите граѓани, без разлика на нивните верски убедувања и наведува пет христијански, муслимански и еврејски религиозни групи кои автоматски добиваат даночни ослободувања и други поволности.

Меѓуресорната работна група формирана во 2021 година и понатаму ги разгледува измените и дополнувањата на законот кои ќе им овозможат на поединечните цркви и џамии да добијат статус на правно лице, долгогодишно барање на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) и Исламската верска заедница во Северна Македонија (ИВЗ). Властите и Тетовската бекташка заедница и понатаму имаат спротивставени ставови околу регистрацијата на таа религиозна група. Заедницата не го поднесе повторно своето барање за регистрација од 2000 година поради загриженоста дека ќе мора да го промени своето име, што би го загрозило континуитетот на групата. Членовите на тетовските бекташи и членовите на Бекташката верска заедница (БВЗ) регистрирана со дозвола од властите и понатаму го оспоруваат тврдењето на ИВЗ за целосна сопственост и нејзините планови за реновирање на светилиштето Арабати баба теќето, традиционалното седиште на нерегистрираната Tетовска бекташка заедница. Членовите на тетовските бекташи повторно пријавија вознемирување од страна на властите, членовите на БВЗ и отцепената тетовска група која се обиде да го преземе светилиштето во август; била повикана полиција за да го зачува мирот. Светскиот челник на бекташите побара од Владата да ги заштити верските слободи на тетовските бекташи и да одговори на, како што рече, провокациите и заканите на социјалните мрежи против заедницата. Христијанските и муслиманските групи изјавија дека владиниот процес на денационализација (реституција) на имотот продолжува да биде бавен и нецелосен. Владата, МПЦ-ОА и ИВЗ работеа заедно за да се решат некои разлики во однос на регулирањето и акредитацијата на верските училишта, но средните училишта со кои раководи МПЦ-ОА и ИВЗ останаа неакредитирани на крајот на годината, што ги спречи тие ученици да се запишат во секуларни универзитети. Во февруари, полицијата поднесе кривична пријава за говор на омраза против една жена поради нејзиниот коментар на социјалните мрежи за време на посетата на православна еврејска група. Комисијата за антидискриминација изјави дека објавата е „антисемитски инцидент“. Челниците на ИВЗ изјавија дека односите со властите и понатаму се подобруваат, но дека властите и понатаму покажуваат фаворизирање кон МПЦ-ОА.

Во мај, Вселенскиот патријарх на Источната православна црква ја призна каноничноста на МПЦ-ОА – дека е во заедница со другите православни цркви – ставајќи крај на долгиот период на непризнавање од страна на глобалната православна црква и поставување на МПЦ-ОА на патот кон автокефалноста. Српската православна црква (СПЦ), од која МПЦ-ОА се отцепи во 1967 година, ја призна автокефалноста на МПЦ-ОА, иако некои црковни набљудувачи изјавија дека само Вселенскиот патријарх има право да дава автокефалност. Новиот статус на МПЦ-ОА не беше целосно решен на крајот на годината. На крајот на годината се чекаше и иднината на Православната охридска архиепископија (ПОА), која требаше да се спои со многу поголемата МПЦ-ОА, според документот за признавање на СПЦ. Во август, Еврејската заедница изјави дека отворањето на два бугарски културни клуба именувани по поединци кои работеле со Германците во Втората светска војна, го навредува споменот на Евреите од Северна Македонија кои загинале во логорот на смртта Треблинка. Демонстрантите и полицијата се судрија на отворањето на еден од клубовите. По протестите, на 2 ноември, Собранието ги измени и дополни релевантните закони за забрана на регистрација и работа на субјекти кои носеле имиња и симболи на нацизмот, националсоцијализмот, или на Третиот рајх, или кои се залагале за нетолеранција, омраза, фашизам. Во текот на годината медиумите известиле за еден инцидент на вандализам во манастир лоциран во област со доминантно муслиманско население, и 13 инциденти на кражби од црквите, манастирите и џамиите. МПЦ-ОА и ИВЗ не сметаат дека кражбите и вандализмот се мотивирани од верски побуди.

Амбасадорката на САД, како и други службени лица од амбасадата, на средби со владини претставници, вклучително и директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи (КОВЗРГ), градоначалници и други функционери разговараа за меѓуверскиот дијалог и важноста на толеранцијата и разбирањето меѓу различни религиозни групи. Исто така разговараа и со пратениците за статусот на верските слободи во земјата, повратот на имотот на верските заедници и измените и дополнувањата на законот за средни училишта, вклучително и акредитирањето на верските училишта. Службени лица од Амбасадата се сретнаа и со поглаварот на МПЦ-ОА, архиепископот и со поглаварот на ИВЗ реисот Шаќир Фетаху за да поразговараат за прашања поврзани со верските слободи, вклучително и перципираното владино фаворизирање на одредени религиозни групи. Тие исто така се сретнаа и со претставници на другите религиозни групи за да поразговараат за третманот на помалите групи од страна на властите и почитувањето на нивните верски слободи. Во текот на годината, амбасадата ги користеше социјалните медиуми за пренесување на пораки со кои се нагласува важноста на верската слобода.

Дел I. Верска демографија

Според проценките на Владата на САД, вкупниот број на население во државата изнесува 2,1 милиони (средина 2022 година). Според пописот на населението од 2021 година, вкупното резидентно население е 1,8 милиони; останатите се граѓани нерезиденти кои се надвор од државата една или повеќе година; многу од овие поединци работат во странство. Од обично резидентно население 46,1 отсто од населението се православни христијани, од кои доминантно мнозинство се следбеници на МПЦ-ОА; 32,2 отсто се муслимани, мнозинството од нив се сунити и следбеници на ИВЗ; 13,2 отсто се христијани, без да наведат вероисповед; и 7,2 отсто непознато. Другите религиозни групи кои заедно сочинуваат помалку од 2 отсто од населението, вклучуваат мал број на суфистички групи со неколку бекташки редови, ПОА, јеховини сведоци, Црквата на Исус Христос на светците од подоцнежните дни, различни групи со протестантска вероисповед католици и Вашинав Хиндусите. Еврејската заедница проценува дека има околу 200 припадници, иако податоците од пописот од 2021 година покажаа дека само 66 поединци тврдеа дека имаат еврејска етничка припадност.

Повеќето православни христијани ги населуваат централните и југоисточните региони. Најголемото дел од муслиманите живеат во северните и западните делови од земјата. Постои меѓусебна поврзаност помеѓу етничката и верската припадност на населението: мнозинството православни христијани се етнички Македонци, додека пак најголемиот дел од муслиманите се етнички Албанци. Мнозинството Роми, како и речиси сите етнички Турци и Бошњаци се муслимани, додека најголемиот број Срби и Власи се православни христијани. Постои врска и помеѓу верската припадност и политичката поддршка, имајќи предвид дека поделбата на политичките партии, во голема мерка ја следи линијата на етничката припадност.

Дел II. Состојбата во однос на почитувањето на верските слободи од страна на државата

Правна рамка

Уставот забранува дискриминација по верска основа и гарантира еднакви права за сите граѓани, без разлика на нивните верски убедувања. Тој ја гарантира слободата на вероисповед и правото на поединците слободно и јавно да ја изразуваат својата вера, поединечно или заедно со други лица. Уставот исто така го штити верскиот идентитет на сите заедници. Уставот наведува дека не може да се применуваат ограничување на слободите и правата во однос на личното убедување, свеста, мислата или вероисповедта. Амандман на Уставот наведува пет религиозни групи кои автоматски добиваат даночни ослободувања и други поволности: МПЦ-ОА, ИВЗ, Католичката црква, Евангелско-методистичката црква (ЕМЦ) и Еврејската заедница. Тој уредува дека овие пет заедници, како и другите регистрирани групи се одвоени од државата и еднакви пред законот, и дека се слободни да основаат верски училишта, добротворни организации и други социјални установи. Законите им овозможуваат и на другите верски организации да ги добијат истите права и правен статус како овие пет групи преку поднесување барање за нивно признавање од страна на државата и преку нивно регистрирање во суд. Согласно Уставот, секое поттикнување верска омраза или нетолеранција од страна на политичките партии или други здруженија на граѓаните е забрането.

Законот ги дефинира кривичните дела од омраза како кривични дела против лице, правно лице или поврзани лица или имот извршени заради реални или претпоставени карактеристики на жртвата, како што се нејзината националност, етничка припадност и вера или убедување. Говорот на омраза и делата од омраза се казниви кривични дела; сторителите на други дела кога има елементи на дело од омраза можат да добијат построги казни. Казните варираат од една до 10 години затвор и минимум 10 години казна затвор за дела од омраза со смртни последици. Од 2021 година, законот дозволува казни против религиозните групи кои промовираат родово засновано насилство и дополнително уредува дека медиумите и верските заедници треба да промовираат политики против родово засновано насилство.

Верските организации можат да побараат да бидат регистрирани како „црква“, „верска заедница“ или „религиозна група“. Законите обезбедуваат еднаков третман за овие три категории и за сите нив подеднакво важат истите законски права, поволности и обврски. Власта има признаено 43 верски организации, меѓу кои се и петте што се именувани во Уставот. Во оваа бројка се опфатени 20 цркви, 10 верски заедници (четири христијански, четири муслимански, една хинду и една еврејска) и 13 религиозни групи (седум христијански и шест муслимански). Откако ќе се регистрира, црквата, верската заедница или религиозната група, е ослободена од даноци на имот само за имотот на заедницата; тие ги плаќаат сите други даноци, како што се данокот на додадена вредност и персоналниот данок на доход на платите на нивните челници. Групите имаат право да бараат поврат на имотот што бил национализиран за време на социјалистичката ера (под услов групата или заедницата да постоеле во тој период), да учествуваат во проекти финансирани од Владата и да бараат градежни дозволи за заштита и обнова на своите светилишта и културно-историски објекти. Нерегистрирани групи можат да држат верски служби или други собири и да проповедаат, но не можат да вршат некои други активности како што е основање на училишта или добивање донации што се ослободени од данок за донаторот, а и самите тие не се ослободени од данок.

Основниот граѓански суд Скопје прима барања за верска регистрација и во рок од осум работни денови треба да утврди дали барањето ги исполнува законските критериуми. Критериумите вклучуваат физичко и административно присуство во земјата, објаснување на верските учења и практики што ги прават различни од останатите верски организации, како и единствен назив и службени ознаки и обележја. Организацијата што поднесува барање за регистрација, исто така мора да го посочи и надзорниот орган надлежен за нејзиното финансиско работење и да поднесе преглед на финансиските средства и извори на финансирање, како и записник од одржаното основачко собрание на организацијата. Законот дозволува регистрација на повеќе различни групи кои припаѓаат на една иста вера. Поглаварите или законските претставници на регистрираните религиозни групи мора да бидат државјани на земјата.

Судот ги доставува одобрените барања до КОВЗРГ, владино тело одговорно за негување на соработка и комуникација меѓу Владата и регистрираните религиозни групи, којашто ја заведува организацијата во својот регистар. КОВЗРГ нема надзорна надлежност, ниту капацитет да влијае врз процесот на регистрација. Ако судот го одбие барањето за регистрација, организацијата може да ја обжали таквата одлука пред државниот Апелационен суд. Доколку и Aпелациониот суд го одбие барањето за регистрација, тогаш организацијата може да поднесе барање за заштита на човековите права до Уставниот суд, како највисок суд во земјата задолжен за заштита на човековите права. Доколку Уставниот суд го одбие барањето, организацијата може да поднесе тужба до Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП).

Законот не им дозволува на верските организации да основаат верски основни училишта, меѓутоа, овозможува основање на училишта за средно и повисоко ниво на образование. Верските средни училишта следат сопствени наставни програми и не треба да бидат акредитирани од Министерството за образование и наука, иако некои се. Учениците во верските средни училишта коишто не се акредитирани не можат да ја полагаат задолжителната матура, бидејќи нивните дипломски трудови не се важечки, и затоа не можат да се запишат на универзитетите. Наставните програми одобрени од Министерството бараат шестоодделенците да изберат еден од три изборни предмети, од кои два имаат верска содржина – Запознавање со религиите и Етика на религии. Според описот што го дава Министерството, овие предмети ја обработуваат религијата на академски и непобожен начин. Министерството за образование и наука честопати акредитира теолози да ги предаваат овие предмети. Министерството наложува сите наставници по овие предмети да поминат обука организирана од акредитирани високообразовни институции, а спроведена од професори по филозофија или социологија. Родителите избираат кои предмети ќе ги посетуваат нивните деца. Доколку учениците не сакаат да посетуваат верска настава имаат трета опција за изборен предмет, Класичната култура во европската цивилизација.

Секој странски државјанин којшто влегува во земјата со цел да се извршува религиозни активности или да врши верски обреди и церемонии, мора да добие работна виза пред пристигнувањето во државата, за што вообичаено се потребни околу четири месеци. КОВЗРГ води евиденција за сите странски верски претставници, а различни владини институции можат да им одобрат или да им забранат да вршат религиозни активности во земјата. КОВЗРГ ги издава одобренијата за дозвола за привремен престој и/или барањата за работна виза за мисионери и свештени лица во име на регистрирани цркви, верски заедници или религиозни групи; Министерството за труд и социјална политика потврдува дека не ги повредуваат законите на земјата во однос на работните односи; а Министерството за внатрешни работи ги проверува безбедносните аспекти. Нерегистрирани групи можат да поднесат барања за работни дозволи и визи согласно редовните постапки. Работните визи имаат важност од шест месеци, со можност за нивно продолжување за дополнителни шест месеци. Последователните обновување се за една година. Не постојат никакви ограничувања во однос на бројот на дополнителните барања за продолжување на визата, поднесени од страна на верските претставници.

Државата е потписничка на Меѓународниот пакт за граѓански и политички права.

Владини практики

Во текот на годината, работна група формирана во 2021 година од страна на МП, КОВЗРГ, Националниот комитет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам, Агенцијата за национална безбедност, Министерството за внатрешни работи, Министерството за финансии и Централниот регистар и понатаму ги разгледуваат нацрт-измените и дополнувањата на Законот за правната положба на црква, верска заедница и религиозна група од 2007 година. Измените ќе им овозможат на ограноците на поголемите верски заедници, како што се поединечни цркви и џамии, да се стекнат со статус на правно лице. Оваа промена, дамнешно барање на МПЦ-ОА и ИВЗ, би ѝ овозможило на Владата да ги поддржи проектите на религиозните групи кога тоа се смета дека е од јавен интерес, како што е помошта за заштитата на значајни верски културно-историски локации. На владата ѝ недостига тоа експлицитно овластување според постојниот закон. Работната група, исто така, ги разгледа и другите предложени измени на законот од 2007 година што ќе го направат подоследен на постојните одредби од Кривичниот законик и другите закони. Овие промени ќе прецизираат дека религиозните групи не смеат да поттикнуваат нетрпеливост кон другите религиозни групи или да промовираат стереотипи за други групи; да ги употребуваат/злоупотребуваат нивните имиња, звања или симболи; да делуваат против правниот поредок, јавниот морал или здравјето и животите на своите верници или верниците од друга религиозна група; или да поттикнуваат верска, етничка, национална или расна омраза или да промовираат верски радикализам. Работната група се консултираше со религиозните групи за нацрт-измените и дополнувањата на крајот на годината.

Основниот граѓански суд Скопје пријави дека во текот на годината примиле шест барања за регистрирање на цркви и верски заедници или групи. Пет од нив биле барања од веќе регистрирани групи за промена на податоците, како што е името на челникот на групата, законскиот застапник или седиштето; судот донел одлука за две од тие барања. За останатите три барања за измена и посебно барање за регистрација на нова верска заедница – Ахмадија муслиманскиот џемаат во Пехчево – сѐ уште се чека на одлука на крајот на годината.

ИВЗ повторно изјави дека останува загрижена за функционирањето на две регистрирани групи за кои изјави дека се „сомнителни муслимански организации“ – селефиска група во Скопје и група Ахли Суна Вал Џамаа (АСВЏ) во Куманово. ИВЗ побара овие две групи да бидат под ИВЗ, или ИВЗ и понатаму ќе им се спротивставува. ИВЗ побара од властите да ја отстранат регистрацијата на овие две групи и да помогнат да им се ограничи нивното дејствување да шират „радикални ставови“ кои не се совпаѓаат со локалните традиции. Селефиската група и АСВЏ изјавија дека не сакаат да бидат под ИВЗ. Властите не презедоа ништо за двете муслимански групи во текот на годината.

Властите и Тетовската бекташка заедница и понатаму имаат спротивставени ставови околу регистрацијата на таа религиозна група во текот на годината. Во јануари, Основниот граѓански суд Скопје го продолжи до 24 февруари рокот за заедницата повторно да го поднесе барањето, за што сѐ уште се чека на одлука од 2000 година, за регистрација како религиозна група. Ова беше во согласност со пресудата на Апелациониот суд од 2020 година дека на групата ѝ е дозволено да поднесе барање. Заедницата побара дополнително продолжување на рокот бидејќи ја разгледува можноста на судот, но потоа во јули одлучи да не го поднесе повторно барањето за регистрација бидејќи според законот, со тоа ќе се бара групата да има целосно ново име за да не дојде во конфликт со веќе регистрираната Бекташска верска заедница (БВЗ). Тетовските бекташи изјавија би можело да се додаде нешто на сегашното име сѐ додека новата регистрација го обезбедува континуитетот како религиозна група во согласност со првичната примена во 2000 година. Во писмо од 7 август, светскиот поглавар на Бекташите Хаџи Деде Едмонд Брахимај побара од властите да ги заштити верските слободи на Тетовската бекташка заедница и да ја регистрира под името „Светско седиште на бекташи – Бекташка заедница на Северна Македонија“. Во ноември, Основниот граѓански суд Скопје го одложи рочиштето за ова прашање; во текот на годината не беа преземени дополнителни дејствија по него. Во 2019 година, годишниот извештај на Европската комисија за земјата ги повика властите да ги спроведат претходните пресуди на ЕСЧП за да се почитува правата на тетовските бекташи, вклучително и официјално да се признаат како религиозна група. Групата и понатаму изјавува дека нејзиниот нерегистриран статус ја ограничува нејзината можност да стекнува или користи имот, како што е комплексот Арабати баба теќето, за религиозна активност.

Веќе 11 година по ред тетовските бекташи пријавуваат во полицијата случаи на вознемирување од страна на поединци кои се во комплексот Арабати баба теќето во Тетово.

На 8 август, според правниот застапник на тетовските бекташи, полицијата повикала двајца нејзини дервиши (свештеници) подалеку од Арабати баба теќето и ги држела во локалната полициска станица речиси три часа. Додека тие беа далеку од светилиштето, членовите на БВЗ регистрирана со дозвола од властите влегоа во објектот за да ја започнат церемонијата на Ашура, за која вообичаено било потребно присуство на свештенството од тетовските бекташи. Тетовските бекташи изјавија дека полицијата ги држела нивните двајца дервиши како „заложници“ и дека Министерството за внатрешни работи (МВР) „заговарало“ со БВЗ да ѝ дозволи на таа група да го преземе светилиштето. Тетовските бекташи, исто така, изјавија дека членовите на БВЗ кои влегле во светилиштето немале дозвола за тоа, но дека полицијата им дозволила да влезат бидејќи БВЗ е регистрирана со дозвола од властите.

На 11 август, МВР распореди десетина полицајци за да го зачува мирот кога група од БВЗ, заедно со членови на тетовска отцепена група, се обидоа да го иселат жителот кој е тетовски бекташиски дервиш од светилиштето Арабати баба теќето и да го спречат бекташкиот поглавар Брахимај и неговите следбеници од одбележувањето на празникот Ашура во објектот.

На 4 август, поглаварот на бекташите Брахимај им пишал на началникот на тетовската полиција и основниот обвинител за да побара владина акција како одговор на, како што изјавил „провокациите и заканите“ на социјалните мрежи кон тетовските бекташи од поединци кои Светското седиште на бекташи претходно ги исклучила поради поттикнување нетрпеливост кон други религиозни групи и обид за насилно преземање на Арабати баба теќето во 2010 година. Брахимај не дал детали за провокациите и заканите.

Според член на БВЗ, за жалбата на БВЗ на судската одлука во Гостивар со која се доделува сопственост на Арабати баба теќето на приватна компанија сѐ уште се чекаше за одлука од Врховниот суд на крајот на годината. Сепак, судскиот персонал и раководството на БВЗ не можеа да го потврдат ова.

МПЦ-ОА забележува дека процесот на денационализација (реституција) на имотните побарувања и понатаму е бавен и дека повеќе од 90 отсто од вкупните позитивни одлуки донесени од Комисијата за денационализација која одлучува по барањата биле обжалени од Државното правобранителство. Од МПЦ-ОА изјавија дека од нивна гледна точка не функционирале локалните комисии за денационализација низ државата. МПЦ-ОА забележува дека во последните две години комисиите одлучувале само по еден предмет за реституција поврзан со имотот на црквата и дека истиот бил обжален од Државното правобранителство и е на разгледување пред суд. Челниците на МПЦ-ОА забележуваа дека им е чудно што другите верски заедници тврдат дека МПЦ-ОА е привилегирана во процесот на реституција, бидејќи само 65 отсто од нејзиниот имот бил вратен или надоместен од почетокот на реституцијата во 2000 година.

Според ИВЗ, властите им вратиле помалку од 50 отсто од имотот што државата го запленила пред 1991 година. Спорните имоти ја опфаќале Хусамедин Паша во Штип (национализирана во 1955 година, а МПЦ-ОА верува дека историски била црква), неколку џамии во Скопје, Јени џамија во Битола и Чарши џамија во Прилеп (којашто и понатаму е во руини). ИВЗ и понатаму изјавува дека надоместокот за својот имот што го побарува честопати бил под пазарната цена. ИВЗ изјавува дека владините власти, особено Министерството за финансии, ги обжалиле сопствените одлуки за реституција на имотот пред судовите со цел да ја одложат или спречат вистинската реституција на имотите.

ИВЗ изјави дека властите и понатаму не им издавале градежни дозволи за џамија во етнички и верски мешаното село Лажец, како и за реконструкција на џамијата во Струмица и централната џамија во Прилеп со образложение дека биле споменици на културата под надлежност на Владата, а не на ИВЗ.

Медиумите во септември пријавија дека властите ја префрлиле сопственоста на муслиманските гробишта во општина Липково на МПЦ-ОА без знаење на локалните жители, општината или ИВЗ. Медиумите ја окарактеризираа постапката како „скандалозна“ и направена во име на реституција на имот на парцели кои никогаш не биле на МПЦ-ОА. ИВЗ изјавува дека работи со МПЦ-ОА за решавање на спорот.

ЕМЦ, која е дел од Обединетата методистичка црква во САД, и понатаму изјавува дека повратот на црковниот имот и понатаму не е бил завршен. ЕМЦ се пожали дека не можела да изгради црква во Прилеп бидејќи општината повеќе од 20 години одбивала да им издаде дозвола, иако порано постоела црква на тој имот повеќе од 100 години и зонските планови предвидувале црква. ЕМЦ и понатаму изјавува дека се соочува со слични проблеми и во други градови.

МПЦ-ОА изјави дека новата управа на општина Тетово и понатаму ги игнорирала своите претходно преземени обврски да асфалтираат улица до црква на МПЦ-ОА во една населба, да изградат капела на гробишта на друго место во Тетово и да го собираат ѓубрето на влезот на гробиштата. МПЦ-ОА исто така тврдат дека општина Струга сè уште не одлучила по барањето коешто чека уште од 2013 година за изградба на православна црква во селото Октиси. МПЦ-ОА ѝ изјавила на КОВЗРГ дека нема напредок во изградбата на уште една црква во Тетово и црква во соседното село Фалише.

МПЦ-ОА и властите и понатаму имаат спротивставени ставови по некои прашања од областа на образованието. МПЦ-ОА изјавува дека сака матурантите од средното богословско училиште да добијат дипломи признати од државата, но не се согласуваат со предложениот план на Министерството за образование, со кој целосното времетраење на школата ќе се намали од пет на четири години, стандардно времетраење за секуларна диплома за средно образование. МПЦ-ОА изјавува дека времетраењето на школата треба да остане пет години, што според црквата е оптимално време за средношколците да ги завршат богословските предмети што ги сака МПЦ-ОА и сите секуларни предмети што ги бара државата за призната диплома. Прашањето остана нерешено на крајот на годината.

МПЦ-ОА исто така изјавува дека е „крајно незадоволна“ што по учебната 2022-2023 година Етика во религиите нема да се изучува како посебен предмет во основните училишта и наместо тоа, неговата содржина да биде вградена во други предмети. Според МПЦ-ОА, тоа би значело дека некои дипломирани студенти по теологија со специјализација по веронаука кои вообичаено го предавале овој предмет ќе останат без работа.

Властите, МПЦ-ОА и ИВЗ заедно работеа во текот на годината за да се решат некои разлики околу регулирањето и акредитацијата на верските училишта. Пратениците од владината коалиција рекоа дека подготвиле измени и дополнувања на Законот за средното образование од 2020 година кои биле поддржани од двете религиозни групи и со кои ќе се институционализираат средните верски училишта. Откако ќе бидат усвоени, измените и дополнувањата ќе им дадат статус на државно училиште и државно финансирање на православните христијански средни училишта и исламските медреси и ќе им дозволат на училиштата да работат без мешање на владата. Властите, МПЦ-ОА и ИВЗ во јули постигнаа компромис за наставните програми за верските средни училишта да содржат 55 отсто општи секуларни предмети и 45 отсто верски предмети. Собранието, меѓутоа, не ја одржа потребната комисиска седница за измените и дополнувањата пред крајот на годината.

Средните верски училишта на МПЦ-ОА и ИВЗ останаа неакредитирани на крајот на годината, а нивните матуранти не можеа да се запишат на секуларните универзитети затоа што немаа право да го полагаат државниот завршен испит што Законот за високото образование го бара сите средношколци да го положат за да се запишат во тие универзитети. Матурантите од средните верски училишта МПЦ-ОА и ИВЗ, пак, можеа да се запишат без полагање на државниот испит на Православниот богословски факултет и Факултетот за исламски науки, бидејќи тие институции го толкуваа условот за полагање дека се однесува само на ученици од акредитирани средни училишта. Министерството за образование на овие два факултета за учебната 2022-2023 година им додели вкупно околу 25 милиони денари (434.000 долари).

Претставниците на ИВЗ изјавуваат дека и покрај тековните преговори за измените и дополнувањата на законот за образование, властите и понатаму ја одложуваат сертификацијата на медресите на ИВЗ кои сакаат да бидат акредитирани. Ова беше уште една причина, покрај условот за државен испит, што учениците од тие училишта не можеа да се запишат на секуларните универзитети.

Некои религиозни групи и родители и понатаму изјавуваат дека православните свештеници и имамите што биле ангажирани да ги предаваат воведните предмети за религиите и етиката како дел од наставната програма во редовното образование честопати се фокусирале на практикувањата на својата вера, наместо да презентираат неутрален преглед на различни вери. Училишните деца од секуларни семејства и семејства кои не практикуваат вера честопати биле малтретирани од врсниците поради „недостиг на религиозно образование“.

На 1 февруари, на барање на премиерот, премиерот Димитар Ковачевски, првиот потпретседател на Владата Артан Груби, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и директорот на КОВЗРГ Даријан Сотировски се сретнаа со челниците на петте религиозни групи наведени во Уставот – архиепископ Стефан од МПЦ-ОА; реис Фетаху од ИВЗ; монсињор Киро Стојанов од Католичката црква; Пепо Леви од Еврејската заедница; и Марјан Димов од ЕМЦ – кои ја изразија нивната благодарност за вниманието на највисокото владино ниво кон интересите на нивните верски заедници. Ковачевски вети дека ќе продолжи „добрата соработка со верските заедници“ и наведе дека „нема да има прашања што не можат да се решат“ со почитување и дијалог. Ковачевски понатаму изјави дека Владата е решена да ја промовира својата политика „Едно општество за сите“ за да помогне во воспоставувањето доверба меѓу сите верски, етнички и други заедници. Во изјавата по средбата, верските челници го поддржаа Ковачевски и Владата и со нетрпение очекуваат и понатаму да работат со нив со „отворен, чесен и достоинствен пристап“ за прашања од важност за граѓаните на земјата и нејзината иднина. Челниците не дадоа повеќе детали.

Челниците на ИВЗ изјавија дека односите со властите се подобриле за нивната заедница, но дека некои министерства и судството и понатаму не ја третирале ИВЗ соодветно. Според ИВЗ, МВР не ги завршило истрагите по инцидентите поврзани со муслиманската заедница и нејзиното раководство, како што се обидите во 2015 и 2019 година за насилно преземање на седиштето на ИВЗ.

Помалите протестантски цркви изјавија дека властите им дале повеќе привилегии на МПЦ-ОА и ИВЗ и дека овие две поголеми групи имаат повеќе права од другите религиозни групи. На пример, помалите цркви изјавија дека имаат потешкотии да градат цркви затоа што локалните власти биле по поприспособливи кон МПЦ-ОА за зонските и градежните прашања. Тие изјавија и дека владините претставници почесто се среќавале со петте уставно признати групи отколку со помалите групи. Челниците на МПЦ-ОА и ИВЗ изјавија дека поплаките за фаворизирање на властите се погрешна перцепција поради поголемата големина и поширокото присуство на нивните заедници во земјата.

Во март, ИВЗ наведе дека властите и понатаму ѝ даваат на МПЦ-ОА уникатни привилегии, како што е бесплатното обезбедување на јавни имоти. И МПЦ-ОА и ИВЗ, исто така, изјавија дека и покрај клучната улога на верските работници во служењето на оние кои се во затвор или болници, министерствата за здравство, правда и одбрана честопати не им дозволуваат пристап на свештениците и армиските капелани до затворениците и пациентите. МПЦ-ОА и ИВЗ изјавија дека властите ги оправдуваат овие постапки наведувајќи ја поделбата на државата и верата.

Во февруари, полицијата во Охрид поднесе кривична пријава за говор на омраза против жена која на социјалните мрежи објавила „Хотелот треба да се запали со Евреите во него“, мислејќи на посетата на православната еврејска група Лев Тахор на тој град. Комисијата за антидискриминација изјави дека објавата е „антисемитски инцидент кој содржи елементи на дискриминација“. Доколку биде прогласена за виновна, жената би се соочила со затворска казна од една до пет години. Полицијата ја испрашала жената, која потоа ја избришала нејзината објава на социјалните мрежи, но на крајот на годината немало дополнителни информации за предметот.

На 1 февруари, Владата ги разгледа и ги усвои барањата за да стане полноправна членка на Меѓународната алијанса за сеќавање на холокаустот (ИХРА). Таа изјави дека одлуката на ИХРА од 2021 година да ја прими земјата е признание за владините политики и постигнувања во областа на сеќавањето, истражувањето и образованието на Холокаустот, како и во борбата против антисемитизмот, негирањето и искривувањето на Холокаустот.

Министерството за образование и наука и понатаму ги прави достапни Препораките на ИХРА за подучување и учење за холокаустот на македонски, албански, турски и српски јазик (наставни јазици во државните училишта) и ја дистрибуира публикацијата во училиштата низ целата земја. Бирото за развој на образованието на министерството и Музејот на холокаустот, исто така, и понатаму ги објавуваат препораките на нивните веб-страници.

На 27 септември, КОВЗРГ организираше добротворна акција со учество на МПЦ-ОА, ИВЗ и протестантска група со која се доставуваше храна до лицата на кои им е потребна.

Дел III. Состојбата во однос на почитувањето на верските слободи во општеството

На 9 мај, вселенскиот патријарх Вартоломеј од Источната православна црква ја призна каноничноста, но не и целосната автокефалност на МПЦ-ОА и воспостави заедница со таа црква. Со одлуката на патријархот заврши долгиот период на непризнавање на МПЦ-ОА од страна на другите православни цркви. На 17 мај СПЦ го прослави признанието од МПЦ-ОА на заедничка миса во Белград, а подоцна и на заедничка миса во Скопје. На 5 јуни СПЦ објави дека ѝ дава целосна автокефалност на МПЦ-ОА, иако некои црковни набљудувачи наведоа дека право на тоа има само вселенскиот патријарх. МПЦ и СПЦ беа разделени од 1967 година. На 25 август Руската православна црква ја следеше СПЦ во признавањето на автокефалноста на МПЦ-ОА. Подоцна, владиците на МПЦ-ОА отслужија заеднички миси со владиците од Ерусалимската, Руската, Бугарската и Грчката православна црква.

Патријархот Вартоломеј до крајот на годината го нема издадено томосот (декретот) со кој ќе се финализира автокефалноста на МПЦ-ОА. Медиумите објавија дека МПЦ-ОА ќе мора да биде призната под историската Охридска архиепископија и да се отфрли името „Македонија“ меѓународно од нејзиното име за да добие автокефалност. Патријархот за грчката телевизија во мај изјави: „Нивната црква [МПЦ-ОА] ја именувавме Охридска архиепископија и го исклучивме терминот „Македонска црква“ и кој било збор од зборот „Македонија“. Според медиумите, портпаролот на МПЦ-ОА, владиката Тимотеј изјави: „Охридската архиепископија не е понижувачко име; има историја од 10 века“.

Иднината на ПОА, која ќе престане да постои и ќе се спои со многу поголемата МПЦ-ОА откако патријархот Вартоломеј ќе ја признае автокефалноста на МПЦ-ОА, не беше решена на крајот на годината. ПОА не реагираше јавно на признавањето на МПЦ-ОА или на идното спојување, но претставниците на МПЦ-ОА рекоа дека спојувањето со ПОА е позитивно. Претставниците на МПЦ-ОА изјавија дека се подготвени да вклучат владици на ПОА во МПЦ-ОА и понудија епархии во Делчево, Пореч и Крешево. За разлика од претходните години, претставниците на ПОА не наведоа дека властите се мешаат во нејзините работи или пријавија напади или навреди против нивното свештенство, членови на семејството или објекти. Историски гледано, ПОА нема повеќе од 100 до 200 следбеници.

Меѓутоа, имаше насилни дејствија против еврејска група која беше во посета. Во февруари, околу 30 членови на православната еврејска група Лев Тахор беа под закани и вознемирувани од локалните жители набргу по нивното пристигнување од Босна и Херцеговина. Групата, составена од членови од Канада, САД, Белгија и други земји, прво остана во Куманово, а потоа се преселија во Скопје и Охрид „за нивна безбедност“, изјави еден член за медиумите, откако неидентификувани поединци фрлале камења и јајца врз привремените живеалишта на групата и ја скршиле вратата од една од нивните куќи. Во Скопје, полицајци патролирале пред хотелот на групата „за нивна безбедност“, според полицијата. Полицијата апелираше за поголема јавна „толеранција“ кон нив. Еден член на групата изјави: „Постои погрешен јавен впечаток за нашата религија. Тоа што сме различни од другите не значи дека сме опасни“. Откако групата се преселила во Охрид, потребни биле „часови“ за да се најде хотел што би ги прифатил, велат членовите, а друга група демонстранти му дале на сопственикот на хотелот што ги примил 24-часовен ултиматум да ги избрка. Групата Лев Тахор ја напушти земјата за Грција на почетокот на мај, по истекот на нивните 90-дневни дозволи за престој.

Тетовските бекташи и понатаму го оспоруваат барањето на ИВЗ во 2017 година за целосна сопственост на комплексот Арабати баба теќето, кој тетовските бекташи го користеа како свое седиште. Тетовските бекташи и понатаму се спротивставуваат на плановите на ИВЗ за реновирање на комплексот (со помош на турската Влада), со што се спречи започнувањето на реновирањето. Претставниците на тетовските бекташи изјавија дека реновирањето на комплексот без нивна согласност целосно ќе ги отстрани од него, покрај уништувањето на вредно наследство. Тие не можеа да поднесат правно барање за сопственост на комплексот бидејќи групата остана нерегистрирана.

Според КОВЗРГ, граѓаните во повеќе области каде што различни религиозни групи живееле блиску заедно често се жалеле до општинските власти или полицијата за обемот на дневните повици за молитва од џамиите. Во еден случај, жителите во населбата Свети Јован се пожалија на обемот на бучава од нелегално изградена џамија во соседната ромска населба. КОВЗРГ поднесе поплаки што ги доби од граѓаните до полицијата или до комуналните инспектори на општините. Членовите на КОВЗРГ разговараа и со претставници на ИВЗ, кои беа сочувствителни за поплаките за бучава, според КОВЗРГ. Меѓутоа, многу џамии не го намалија гласниот тон на нивните повици за молитва.

Еврејската заедница не пријавила никакви насилни дејства врз нејзините членови во земјата во текот на годината, но изјавија дека еврејските деца понекогаш биле малтретирани поради нивниот еврејски идентитет. Заедницата исто така рече дека нивните деца и членови биле вознемирувани од оние кои верувале дека поддршката на Западот за Украина против руската инвазија во февруари била дел од „глобален еврејски заговор“.

Еврејската заедница и независните набљудувачи известија за значително зголемување на антисемитскиот говор и инциденти во споредба со претходната година, особено за време на посетата на групата Лев Тахор. Во изјава на 22 февруари, Еврејската заедница изјави дека е шокирана од „неверојатниот“ и „невиден“ антисемитизам и ксенофобија против членовите на групата на социјалните мрежи, особено од објавата во која се повикува хотелот во кој престојувала групата да биде „запален заедно со Евреите во него“, што предизвикало „страв и вознемиреност“ кај членовите на еврејската заедница. Еврејската заедница ги повика властите да преземат мерки против поттикнувачите, а на новинарите им порача да бидат „крајно внимателни“ во нивното известување за групата за да не се поттикне, како што ја нарекоа, антиеврејската „фобија“.

Кон крајот на февруари, имам од Скопје го обвини украинскиот претседател Володимир Зеленски за договарање со Евреите против Палестинците, тврдејќи дека тоа се должи на „еврејското потекло“ на Зеленски. ИВЗ го предупреди имамот, кој подоцна му се извини на раководството на ИВЗ за неговите изјави. Во март, поранешната новинарка на националниот јавен сервис МРТВ, Емилија Гелева, објави на социјалните мрежи дека „нацистите“ против кои претседателот Владимир Путин изјави дека Русија се бори во Украина се американски Евреи во сегашната американска администрација, вклучително и државниот секретар.

На 18 април, Еврејската заедница и Фондот на холокаустот на Евреите од Северна Македонија објавија соопштение за печатот како реакција на отворањето на бугарски културен клуб во Битола именуван по Ванчо Михајлов, кој, како што рекоа, бил фашист и соработник на нацистите. Тогашниот премиер на Бугарија, Кирил Петков и други бугарски владини функционери присуствуваа на отворањето, кое се одржа на 16 април, Шабат и првиот ден на Пасха. Еврејската заедница и Фондот на холокаустот изјавија дека ова е „чин на навреда“ и негирање на холокаустот. Еврејската заедница исто така изјави дека отворањето на клубот е закана за човековите права и слободи, кршење на демократскиот карактер и вредности на модерна Европа, чин што го загрозува мултикултурализмот и класичен пример за непочитување и искривување на историјата. Еврејската заедница побара од Владата на Бугарија да се извини и Собранието да го измени и дополни Кривичниот законик на Северна Македонија, на предлог на Еврејската заедница во 2017 година, за да се криминализира ширењето на антисемитизмот, негирањето и искривувањето на холокаустот, глорификацијата на фашизмот и нацизмот и употреба на нацистички симболи или поздрави.

На 10 август, Еврејската заедница и Фондот на холокаустот на Евреите ја осудија регистрацијата на бугарски културен клуб во Охрид именуван по бугарскиот крал Борис III и изјавија дека тоа е „глорификација на нацизмот и фашизмот“. Во изјава, тие рекоа дека Борис Трети, кој ја предводеше Бугарија кога се здружи со Германија во Втората светска војна, е директно поврзан со депортацијата на Евреите од Северна Македонија во логорот на смртта Треблинка и тие побараа од Владата да обезбеди правна рамка која ќе го спречи формирањето на такви организации. Во изјавата исто така тие рекоа: „Нашата земја може и мора да застане на патот на се почестите случаи на регистрирање на вакви здруженија, кои преку нивните провокации шират говор на омраза… под превезот на слободата на говорот“. Претседателот на Еврејската заедница Леви изјави дека таквите здруженија се „провокација од бугарска страна“ и „не во духот на добрососедството“. Медиумите известија дека неколку стотици демонстранти се судрија со полицијата пред зградата на клубот кога беше отворен на 7 октомври.

По протестите, на 2 ноември, Собранието едногласно ги усвои измените и дополнувањата на Законот за здруженија и фондации и на Законот за политичките партии со кои се забранува регистрација и работа на здруженија, фондации или политички партии кои ги носат имињата и симболите на нацизмот, националсоцијализмот, или Третиот Рајх или кои се залагаат, поттикнуваат или одобруваат нетолеранција, омраза или фашизам. Постојните субјекти добија рок од три месеци да направат корекции во согласност со измените или ризикуваат да бидат одјавени.

Во февруари, поранешниот имам Скендер Бузаку, кој во 2020 година објави дека се кандидира за лидер на ИВЗ, изјави дека полицијата не постапила по заканите со текстуални пораки кон него во 2021 година. Бузаку изјави дека непознати поединци му го запалиле автомобилот кон крајот на јануари и веројатно ќе продолжат заканите кон него, но тој не го објави инцидентот за да избегне проблеми. Полицијата сè уште ги истражуваше заканите на крајот на годината. ИВЗ го протера Бузаку во 2015 година поради неговата улога во привременото преземање на седиштето на ИВЗ во Скопје таа година од вооружени поединци.

Фондот на холокаустот и понатаму работи со Министерството за образование и наука на проект за обука на едукатори да ги учат средношколците за Холокаустот и еврејската историја.

Од 30 септември до 2 октомври, Меморијалниот центар на холокаустот (различна организација од Фондот на холокаустот), со поддршка на невладината организација (НВО) Центропа, одржа тридневен семинар за наставници од основните и средните училишта од Југоисточна Европа за совладување нови вештини и учење нови техники за предавање за Холокаустот и историјата на Евреите во Северна Македонија. Центарот, повторно отворен во 2020 година, и понатаму го комеморира еврејското население во земјата и оние испратени во логорот на смртта Треблинка за време на Втората светска војна. До степен до кој дозволуваат ограничувањата за КОВИД-19, центарот спроведе едукативни програми за холокаустот, во партнерство со Министерството за образование и наука. Меѓутоа, Меморијалниот центар на холокаустот извести дека Министерството не направило доволно за да ги олесни потребните училишни посети на музејот на центарот од средношколци.

Хелсиншкиот комитет за човекови права, невладина организација со седиште во земјата која ги следи пријавите на граѓаните за говор на омраза, регистрираше два случаи на говор на омраза заснован на религија во текот на годината, во споредба со 30 во 2021 година. Регистрираните случаи не ги вклучија инцидентите за време на посетата на групата Лев Тахор. Комитетот изјави дека говорот на омраза заснован на религија се појавил за време на големите верски празници. Комитетот регистрираше 51 дополнителен случај на онлајн говор на омраза заснован на етничка припадност во текот на годината, истакнувајќи дека тој станува се поприсутен од говорот на омраза заснован на религија.

Медиумите известија за 13 кражби од цркви, православни манастири и џамии во текот на годината, во споредба со 18 во 2021 година. Ниту МПЦ-ОА ниту ИВЗ не ги припишаа кражбите и вандализмот на верски мотиви. МПЦ-ОА и понатаму известува за повремени вандалски чинови на ретко посетуваниот средновековен манастир Матејче во општина населена главно со муслимани.

Дел IV. Политика и ангажман на Владата на САД

Амбасадорката на САД, како и други службени лица од амбасадата, на средби со владини претставници, вклучително и директорот на КОВЗРГ, градоначалници и други функционери разговараа за меѓуверскиот дијалог и важноста на толеранцијата и разбирањето меѓу различни религиозни групи. Исто така разговараа и со пратениците за статусот на верските слободи во земјата, повратот на имотот на верските заедници и измените и дополнувањата на законот за средни училишта, вклучително и акредитирањето на верските училишта.

Во февруари, вршителот на должноста говореше за поддршка на верскиот плурализам, човековите права, културното и духовното наследство и почитувањето на различностите на настанот во Скопје по повод 484-годишнината од светилиштето Арабати баба теќето. Во март, амбасадорката зборуваше на комеморацијата на 79-годишнината од депортацијата на Евреите во Треблинка. Таа повика на единство за да се создадат поголеми врски со соседите и да се покажат вредностите на хуманоста и почитта, што ќе помогне да се стави крај на антисемитизмот. Таа исто така повика да се стави крај на негирањето и искривувањето на Холокаустот, како и на раздорните, фактички и историски неточни наративи манипулирани за политичка корист.

Службени лица од амбасадата се сретнаа со поглаварот на ИВЗ Фетаху во март и мај и со архиепископот на МПЦ-ОА Стефан во март за да поразговараат за прашања поврзани со верските слободи, вклучително и перцепираното владино фаворизирање на одредени религиозни групи. Тие исто така се сретнаа и со претставници на другите религиозни групи, вклучително и Католичката црква, Еврејската заедница, Евангелско-методистичката црква, Бекташите и баптистичката заедница, за да поразговараат за прашањата поврзани со верската слобода, вклучително и третманот од страна на властите на помалите групи и почитувањето на нивните верски слободи.

Во текот на годината, амбасадата објави 14 пораки на социјалните медиуми во врска со верската слобода, со кои допре до повеќе од 60.000 следбеници и генерираше над 4.000 интеракции. Со темите се опфатија и Меѓународниот ден на верската слобода и Националниот ден на верската слобода на САД, како и состаноци на амбасадорката и други претставници од амбасадата со верските челници на земјата.

# # #