На 19 јули 2022 година, државниот секретар Антони Блинкен го објави Извештајот за трговија со луѓе за 2022 година. Годишниот Извештај за тргоција со луѓе на Соединетите Држави дава сеопфатен преглед на напорите за борба против трговијата со луѓе на глобално ниво, објективно оценувајќи 188 влади, вклучително и Соединетите Држави, и нивната посветеност да ги победат сите форми на трговија со луѓе.
Дознајте подолу каде стои Северна Македонија во нејзините напори да стави крај на трговијата со луѓе.
Кликнете тука за бесплатно да го преземете Извештајот за трговија со луѓе.
– – – – –
СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА (Ниво 2)
Властите на Северна Македонија во целост не ги исполнија минимумот стандарди за елиминирање на трговијата со луѓе, но вложија значителни напори да го постигнат тоа. Со оглед на влијанието на пандемијата со КОВИД-19 врз нејзиниот капацитет за борба против трговијата со луѓе, Властите општо демонстрираа зголемени напори во споредба со периодот што беше предмет на претходниот извештај; оттука Северна Македонија остана на ниво 2. Овие напори вклучуваат гонење на повеќе обвинети лица и примена на приоди кои во фокусот ја имаат жртвата за да се намали повторното трауматизирање на децата жртви. Властите идентификувале значително повеќе жртви и покажаа севкупно зголемени напори за превенција, како што е усвојувањето на Националната стратегија и Националниот акциски план (НАП) за 2021-2025 година, и собирањето повратни информации и препораки од преживеаните жртви на трговија во рамките на својата работа на НАП и други активности за спречување трговија со луѓе. Меѓутоа, властите не ги исполнија минимумот стандарди во неколку клучни области. Властите осудиле помал број на трговци со луѓе и полицијата и понатаму нема доволно средства, ни опрема за водење проактивни истраги. Слично на тоа Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ЈОГОКК) немаат доволно ресурси, и тука се мисли и на персонал, но и на дигитален систем за управување со предмети за да се справат со сите предмети под нивна јурисдикција. Иако властите повторно ги активираа мобилните тимови, кои секоја година идентификуваат најголем број потенцијални жртви, сепак не додели средства за мобилните тимови и покрај ветувањата. Локалната полиција и некои гранични службеници не ги проверувале доследно индикаторите за трговија и како резултат властите веројатно имаше депортирано некои неидентификувани жртви на трговија без да ги упатат на соодветните служби или мерки за заштита за да спречат повторно да бидат жртви на трговија.
ПРИОРИТЕТНИ ПРЕПОРАКИ: Енергично спроведување на истраги, кривично гонење и осудување на трговците, вклучително и службените лица-соучесници и изрекување соодветни санкции со построги затворски казни. * Доделување доволно средства на полицијата и обвинителите за проактивно истражување на трговијата со луѓе. * Доделување доволно ресурси за заштита на жртвите, вклучително и на мобилните тимови за идентификување, на прифатилиштата за жртви на трговија и за поддршка на специјализираните служби за жртви-возрасни мажи. * Зголемување на напорите за проактивно идентификување на жртвите на трговија и доследна проверки за случаи на трговија меѓу лицата што даваат комерцијални сексуални услуги, нерегуларните мигранти, бегалците и друга популација под ризик. * Обука за службениците што работат на терен за стандардните оперативни процедури (СОП) за идентификување и упатување на жртвите и постојано вклучување на социјалните работници во сите потенцијални случаи на трговија. * Целосно спроведување на пишаните насоки за спречување казнување на жртвите на трговија за делата што нивните трговци ги присилиле да ги извршат. * Обезбедување сместување за потенцијални жртви на трговија од странство во безбедни и соодветни услови и да им се дозволи на жртвите доколку сакаат да го напуштат прифатилиштето. * Обезбедување пристап до алтернативно сместување за жртвите кога прифатилиштето е полно. * Институционализација на напредна обука за судии, обвинители и припадници на органите на прогон за истраги и гонење на случаи со трговија со луѓе. * Подобрување на механизмите за исплата на паричен надоместок на жртвите, вклучително и усвојување на конкретен закон и информирање на жртвите за нивното право да бараат надоместок.
КРИВИЧНО ГОНЕЊЕ
Се забележува пад во напорите на властите во спроведувањето на законот. Членовите 418(a) и (г) од Кривичниот законик ја криминализираат трговијата со луѓе заради сексуална и трудова експлоатација и пропишуваат казна затвор од најмалку четири години што е доволно строга, а што се однесува до трговијата заради сексуална експлоатација, истата е сразмерна на казните предвидени за сериозни дела како што е силувањето. Властите спровеле истрага во еден случај со тројца осомничени, во споредба со шесте случаи со 13 осомничени во 2020 година. Исто така поднеле обвинение против двајца во два случаи на трговија со деца заради сексуална експлоатација, споредено со 2020 година кога немало таков случај. Судовите осудиле еден трговец во отсуство за трговија со деца заради сексуална и трудова експлоатација, што е значителен пад во споредба со деветте трговци осудени за трговија со деца заради сексуална експлоатација и двајца за трговија со деца заради сексуална и трудова експлоатација. Судија го осудил трговецот на 12 години казна затвор, во споредба со судиите што изрекле казни затвор од четири до седум години на 11 трговци во 2020 година. Апелационите судови потврдиле две осудителни пресуди и укинале една осудителна пресуда во споредба со потврдените три пресуди во 2020 година. Властите работеле со ограничен капацитет заради пандемијата, во согласност со процедурите за заразени лица и за карантин поради што немале доволно персонал.
Националната единица за сузбивање на криумчарење на мигранти и трговија со луѓе во рамките на Министерството за внатрешни работи (МВР) водела специјализирани истраги. ЈОГОКК гонело случаи на трговија и, во претходните години, пријавила дека им недостасува соодветен персонал и дека предметите се одолговлекувале, но властите го зголемила бројот на обвинители од 10 на 13 за работата на сите предмети под нивна јурисдикција. И покрај тоа што немале наменски буџет, посебната национална единица спровела проактивни истраги, но и понатаму пријавува дека немаат доволно персонал. Обвинителите рутински не одобрувале посебни истражни техники, како што е прислушување на телефони, во рамките на истрагите на трговија со луѓе. Последователно властите се потпирале речиси исклучиво на сведочењето на жртвите без многу докази во поткрепа. Локалните полициски службеници немаат доволно познавања за трговијата со луѓе и доследно не ја известувале посебната единица за потенцијалните случаи на трговија, а набљудувачите пријавиле дека случаите биле слаби или погрешно се постапувало со нив поради отсуството на дигитален систем за управување со предмети за пренос на случаите на трговија со луѓе помеѓу различни полициски служби и обвинителства. Властите, со техничка и финансиска поддршка од донатори, меѓународни организации и НВО, обучувале судии, обвинители и припадници на националната единицата при МВР за различни прашања поврзани со сузбивањето на трговијата. Властите започнале заеднички истраги со грчките и српските власти и соработувала во рамките на истрага на Интерпол. Во 2017 година бил обвинет за соучесништво во трговија со луѓе државен службеник, а во 2016 година општински инспектор; ЈОГОКК извести дека и на двете лица им се суди во Кривичниот суд во Скопје. Властите не известиле за некакви нови истраги, обвиненија или осудителни пресуди против државни службеници соучесници во дела на трговија со луѓе.
ЗАШТИТА
Властите ги зголемилр напорите за заштита на жртвите. Властите идентификувале 48 жртви, споредено со седумте жртви во 2020 година; 40 биле жртви на присилен труд, две на трговија заради сексуална експлоатација, две биле жртви на сексуална и трудова експлоатација, а четири биле жртви на присилен труд преку присилен брак. Од нив 36 биле мажи, шест биле жени, пет биле девојки и една било момче; 39 биле жртви од Тајван и една од Русија. Министерството за труд и социјална политика (МТСП) и понатаму ги има мобилните тимови составени од социјални работници, службеници од органите на прогон, вработени од НВО секторот и психолози во пет региони кои работат на откривање и идентификување на ранливо население, вклучително и жртви на трговија. Во август 2021 година Властит еги реактивирале мобилните тимови откако средствата за истите биле пренасочени за одговорот на пандемијата во 2020 година. Од август 2021 година до јануари 2022 година мобилните тимови им помогнале на 260 лица кои им припаѓале на ранливи категории на лица (326 деца кои биле бездомни или на кои улицата им била извор за егзистенција во 2020 година), вклучително и 68 потенцијални жртви на трговија (шест потенцијални жртви во 2020 година). Мобилните тимови секоја година ги идентификуваат најголемиот дел од потенцијални жртви и експертите гледаат на тимовите како на најдобра практика во проактивното идентификување и соработката меѓу граѓанското општество и властите; меѓутоа одржливоста на мобилните тимови и понатаму е под знак прашање со оглед дека Властите сè уште немаат наменето средства конкретно за мобилните тимови. МТСП продолжило да испраќа социјални работници да прават скрининг на ранливото население на граничните премини и во транзитните центри, а социјалните работници од МТСП и полицијата продолжиле со идентификување на потенцијалните жртви на присилна работа главно кај ромските деца кои питачат или продаваат на улица. Полицијата во соработка со трудовите инспектори спровеле 32 инспекции и идентификувале две жртви на трговија и една потенцијална жртва. Властите и граѓанското општество и понатаму изразуваат загриженост дека некои владини агенции немаат механизми за координација во насока на проактивна идентификација на жртвите. На пример, локалната полиција доследно не ги применува индикаторите при вршењето на рации во казина, ноќни клубови и барови. Слично на тоа и некои граничните службеници доследно не ги проверуваат индикаторите за трговија со луѓе на граничните премини, и има пријави со кои и понатаму се документира несоодветно постапување со мигранти од страна на полицијата, како и незаконско враќање назад во Грција. Властите имаат СОП за идентификување и упатување на жртви, а Канцеларијата на Националниот механизам за упатување (НМУ) во рамките на МТСП и понатаму е одговорен за координација на постапките за идентификување и упатување. Службеници што работат на терен упатувале потенцијални жртви на Единицата за сузбивање трговија и/или на НМУ, коишто се овластени да направат официјално идентификување. Службеници од НМУ и социјални работници учествувале во испрашувањето на потенцијалните жртви, но органите на прогон не ги вклучувале редовно претставниците на НМУ и социјалните работници уште на самиот почеток на идентификување на потенцијални случаи на трговија со луѓе.
Властите му доделиле 1.2 милион денари ($22.180) на МВР за заштита и безбедност на жртвите на трговија со луѓе, особено оние што престојуваат во прифатилиштето за жртви на трговија наспроти 1,76 милион денари ($32.390) во 2020 г. Меѓутоа во 2021 година Властите, исто така, му доделиле 480.000 денари ($8,850) на МТСП за социјални услуги, за активности на НВО, мобилните тимови и други видови активности за заштита на жртвите – средствата што Властите претходно ги пренамениле за активности за справување со пандемијата. Властите, исто така, обезбедила 465.984 денари ($8,590) за директна помош на жртвите во прифатилиштето за жртви на трговија со луѓе наспроти 810,000 милиони денари ($14.940) во 2020; меѓутоа со ова бил покриен само мал процент од трошоците од работата на Центарот, и прифатилиштето во голема мерка се потпирало на финансиска помош од меѓународната заедница за да може да продолжи да функционира. Властите и НВО им обезбедувале на потенцијалните и официјално идентификуваните жртви заштита и помош, вклучително храна, облека, медицинска помош, психосоцијална поддршка, рехабилитација и услуги за реинтеграција. Во 2021 година 10 официјални и потенцијални жртви добиле поддршка (14 во 2020), вклучително и медицинска помош за три жртви со КОВИД-19. МТСП на жртвите додека биле во прифатилиштето им назначувало старател од Центарот за социјална работа, а центрите за социјална работа на МТСП имале по еден социјален работник во секој од 30-те центри којшто бил задолжен да им обезбеди помош на жртвите на трговија, вклучително и психосоцијална поддршка, помош за реинтеграција, образование и наоѓање на работа; центрите за социјална работа им помогнале на пет жртви да се запишат на училиште и им помогнале на пет семејства на жртви со храна и хигиенски производи. Властите немале обезбедено специјализирана помош за жртви-возрасни мажи. Властите донирале опрема за лична заштитна и средства за дезинфекција на прифатилиштето и ги сместувале жртвите во привремено сместување додека ги чекале резултатите од тестот за КОВИД-19. Во прифатилиштето за жртви на трговија се сместувале жени и деца жртви, а истото има капацитет за шест жртви, но властите немале дополнителни капацитети за сместување на жртви доколку прифатилиштето било полно. Исто така немале опции за долгорочно сместување. Властите ги сместувае идентификуваните жртви деца-Роми во дневни центри и ги опоменувала или парично казнувала нивните родители; во случаи кога судовите сметале дека родителите не биле способни да се грижат за своите деца, државата ги сместувала децата во домови за деца без родители и родителска грижа. Во 2018 година Властите направиле законски измени за да се овозможи сместување и на домашни и на странски потенцијални жртви во прифатилиштето; меѓутоа повеќето потенцијални жртви-странци и понатаму се сместуваат во транзитниот центар. Прифатилиштето им дава на жртвите слобода на движење, а транзитниот центар не им дозволува на потенцијалните жртви што се странци да го напуштат доколку немаат дозвола за привремен престој. Во 2021 година, во прифатилиштето биле сместени четири жртви и три потенцијални жртви (пет жртви во 2020 година), а во транзитниот центар биле сместени 39 жртви-странски државјани (ниедна во 2020 година).
Заради отсуството на постојани доследни проверки, властите веројатно имаат приведено, задржано и депортирано некои неидентификувани жртви на трговија со луѓе. На пример, локалната полиција приведувала лица што даваат комерцијални сексуални услуги без да ги проверат индикаторите за трговија со луѓе или да ја известат националната единица, како што информираа експертите и владините претставници, кои исто така посочуваат дека локалната полиција депортирала странски потенцијални жртви пред да истече нивниот двомесечен период за размислување. Законот им дозволува на жртвите-странци двомесечен период за размислување во кој треба да одлучат дали ќе сведочат против нивните трговци, по што следува шестмесечна дозвола за привремен престој, без оглед на тоа дали ќе сведочат; ниту една жртва-странец не побарала дозвола за престој во 2021 година. Законот предвидува заштита на сведоци, правна помош и 24-часовна полициска заштита; ниту една жртва не побарала заштита на сведоци во 2021 и 2020 година. Во пракса, судовите барале жртвите, кои доброволно соработувале во постапките, да останат во Северна Македонија додека не дадат исказ пред судот. Меѓутоа, обвинителите, со согласност од одбраната, имале овластување да прават исклучоци и да дозволат жртвата да ја напушти земјата пред да даде исказ пред судот, по давање исказ пред обвинител, а во некои случаи и пред судија на претходна постапка; две деца-жртви сведочеле против нивните наводни трговци пред обвинител (шест жртви во 2020 година). Обвинителите го заштитиле идентитетот на двете деца-жртви и го снимиле сведочењето за да ја спречат потребата од повеќекратно сведочење. Судиите ретко доделувале обесштетување во рамките на кривичните казни, но еден судија доделил обесштетување на една жртва во износ од 400.000 денари ($7.380). Иако жртвите можат да бараат обесштетување преку граѓанска постапка, сложеноста на процесот често ги одвраќа жртвите да постапат така. Властите и граѓанското општество продолжиле со активностите за формирање на фонд за исплата на паричен надоместок на жртви што на властите би им овозможило да им доделат обесштетување на жртвите од имот запленет од казниви дела.
ПРЕВЕНЦИЈА
Властите ги зголемиле своите активности за превенција. Властите имаат Националната комисија (НК) составена од 12 владини агенции предводена од национален координатор, којашто одржува состаноци на два месеци. НК го изготви својот 13-ти годишен извештај за владините напори во борбата против трговијата со луѓе и го усвои НАП за 2021-2025 година. За прв пат, НК побарала повратни информации од преживеаните жртви на трговија со луѓе за потребите на НАП, а издвоено од оваа активност, МТСП ги идентификувало областите за подобрување на владините напори засновани на препораките од преживеаните. НК исто така поддржала седум општински комисии за борба против трговијата со луѓе за спроведување на нивните локални акциски планови. Во рамките на НК работи Секретаријат за борба против трговија со луѓе составен од претставници од владините министерства, меѓународната заедница и граѓанското општество, и исто така одржува состаноци на два месеци. Националниот известувач за борба против трговија со луѓе во рамките на Народниот правобранител спровел четири истражувачки проекти за трговијата со луѓе, вклучително и следење на предметите на трговија со луѓе на суд. Владата, во соработка со меѓународните организации, спровела кампањи за подигнување на свеста кај младите, студентите и јавноста за трговијата со луѓе.
Законот забранува незаконско и непријавено вработување и има утврдено критериуми за ангажирање на работна сила, со што се дефинирани условите за вработување, обврските на работодавецот и правата на вработените. Сепак, работните дозволи за странци биле врзани за конкретен работодавач, а била потребна нова работна дозвола при промена на работното место, со што се зголемила ранливоста на работниците-мигранти на присила и принудна работа. НК обучувала трудови инспектори за индикаторите за трговија со луѓе, а Трудовиот инспекторат вршел редовни инспекции за да ја потврдат усогласеноста со законите за работни односи и изрекол глоби и санкции против оние компании и сопственици кои не ги почитувале, при што имале можност да поднесат и кривични пријави. Трудовите инспектори во соработка со полицијата спровеле 32 инспекции и идентификувале две жртви на трговија и една потенцијална жртва. Трудовите инспектори, исто така, извршиле независна контрола на 30.155 деловни субјекти за широк спектар на прекршувања на законот за работни односи. НК има „Кодекс за соработка“ со угостителски компании и хотели за спречување на присилната работа во туристичката индустрија. Властите ги информира граѓаните кои патуваат во странство за потенцијалните ризици од трудова експлоатација и лажни понуди за вработување во странство. Властите немаат отворена телефонска линија, но МВР има апликација за пријавување разни кривични дела, вклучително и трговија со луѓе; на апликацијата не биле пријавени случаи на трговија со луѓе (три пријави за трговија со луѓе во 2020 година). Набљудувачите пријавиле случаи на деца Роми без извод од матичната книга на родени, при што и нивните родители немале документи од матичната евиденција, ниту документи за идентификација за пристап до здравствена заштита, социјална заштита и образование. Властите немаат преземено ништо за намалување на побарувачката на комерцијални сексуални услуги.
ПРОФИЛ НА ТРГОВИЈАТА: Согласно извештаите во последните пет години, трговците со луѓе во Северна Македонија експлоатираат и домашни и странски жртви, и експлоатираат жртви од Северна Македонија во странство. Жени и девојчиња во Северна Македонија се експлоатираат преку трговија за сексуална експлоатација и присилна работа во самата земја во ресторани, барови и ноќни клубови. Трговците на луѓе за сексуална експлоатација врбуваат жртви од странство, вообичаено од Источна Европа и Балканот, вклучително Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Романија, Србија и Украина. Жртви што се државјани на Северна Македонија и странски државјани што транзитираат низ Северна Македонија се предмет на сексуална експлоатација и трудова експлоатација во градежништвото и земјоделството во јужна, централна и западна Европа. Трговците, кои честопати се роднини или блиски пријатели, експлоатираат ромски деца преку присилно питачење и сексуална експлоатација во рамките на присилни бракови. Во 2021 година, тајвански трговци со луѓе регрутирале тајвански работници со лажни ветувања за работа во Северна Македонија со цел присилна работа. Трговците им ги одзеле пасошите, им ги задржале платите, им го ограничиле движењето и формирале центар за телефонски јавувања, каде што ги присилувале тајванските жртви да се јавуваат за измамнички цели.
Нерегуларните мигранти и бегалци коишто патуваат или ги кријумчарат низ Северна Македонија се ранливи како потенцијални жртви на трговија со луѓе, особено жените и малолетните лица без придружба. Невладините организации известуваат дека децата со ментална и физичка попреченост биле сè поранливи на трговија со луѓе. Службените лица и набљудувачите и понатаму пријавуваат дека полициски службеници на пониски позиции може да се соучесници во трговијата, вклучувајќи и преку криење докази, поткуп, промена на маршрутите на патролирање во корист на сторителите, дојави на сторителите за рации и/или директна инволвираност во организиран криминал.
# # #