Извештај за трговијата со луѓе за 2021

Северна Македонија (Ниво 2)

 

Владата на Северна Македонија не ги исполнува во целост минималните стандарди за елиминирање на трговијата со луѓе, но вложува значителни напори да го постигне тоа. И покрај документираното влијание на пандемијата на КОВИД-19 врз нејзиниот капацитет за борба против трговијата со луѓе, властите покажаа генерално зголемени напори во споредба со периодот што беше предмет на претходниот извештај; оттука, Северна Македонија остана на Ниво 2. Таквите напори вклучуваа осудителни пресуди за повеќе лица за трговија со луѓе и изрекување значителни казни. Властите идентификуваа повеќе жртви и ги подигнаа вкупните мерки на превенција, вклучително и подготовка на Националната стратегија и Националниот акциски план за 2021-2025 и одржувањето на редовни виртуелни состаноци на координативните тела. Меѓутоа, властите не ги исполнија минималните стандарди во неколку клучни области. Владата пренамени дел од средствата што беа наменети за заштита на жртвите за активности за справување со пандемијата со што се загрози понатамошната работа на мобилните тимови за идентификација (мобилните тимови) и функционирањето на засолништето за жртви на трговија.  Полицијата немаше соодветни финансиски средства и опрема за спроведување проактивни истраги, а Јавното обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ЈОГОКК) немаше доволно ресурси, вклучително и персонал за да се справи со сите случаи ви негова надлежност. Несоодветните напори за идентификација и корупцијата ги ставаат потенцијалните жртви под ризик да бидат казнети за дела  кои биле присилени да ги извршат. Сè уште постои загриженост по однос на соучесништво на службени лица во кривичните дела на трговија со луѓе.

ПРИОРИТЕТНИ ПРЕПОРАКИ:

Енергично спроведување истраги, кривично гонење и осуди  за лица виновни за трговија со луѓе, вклучително и на службените лица-соучесници и изрекување соодветни санкции со построги затворски казни. • Обезбедување доволно ресурси за заштита на жртвите, вклучително и специјализирани услуги за жртви-возрасни мажи и  обезбедување одржливост на мобилните тимови за идентификација и на засолништето за жртви на трговија. • Зголемување на напорите за проактивна идентификација на жртвите на трговија и проверки за случаи на трговија меѓу лицата што даваат комерцијални сексуални услуги, нерегуларните мигранти, бегалци и друга популација под ризик. • Доделување доволно средства на полицијата и обвинителите за проактивни истраги на трговија со луѓе. • Целосно спроведување на пишаните насоки за спречување казнување на жртвите на трговија за делата што нивните трговци ги присилиле да ги извршат. • Обезбедување пристап до алтернативно сместување за жртвите кога засолништето е полно. • Обезбедување сместување за потенцијални странски жртви на трговија во безбедни и соодветни рехабилитациски услови и дозвола жртвите да го напуштат засолништето по своја волја. • Институционализација на напредна обука за судии, обвинители и припадници на органите на прогон за истраги и гонење на случаи со трговија со луѓе. • Обука за службениците што работат на терен за стандардните оперативни процедури (СОП) за идентификување и упатување на жртвите и постојано вклучување на социјалните работници во сите потенцијални случаи на трговија. • Подобрување на механизмите за компензација на жртвите и нивно информирање за нивното право да бараат надоместок.

КРИВИЧНО ГОНЕЊЕ

Владата продолжи со активностите на органите на кривичен прогон. . Членовите 418(a) и (г) од Кривичниот законик ја криминализираат трговијата со луѓе заради сексуална и трудова експлоатација и пропишуваат минимална казна од четири години затвор што е доволно строга и која што по однос на трговијата заради сексуална експлоатација, е сразмерна со казните пропишани за тешки кривични  дела, какво што е силувањето. ЈОГОКК водело истраги за пет случаи против пет осомничени (во 2019 г. четири случаи со 10 осомничени), а Единицата за борба против трговија со луѓе водела истрага притув една криминална група од најмалку осум лица осомничени за трговија на деца (во 2019 г. шест осомничени).  Властите не поднеле нови обвиненија,  а само 17 проценти од судовите редовно суделе заради пандемијата (во 2019 г. девет обвинети кривично гонети во три предмети). Судовите осудиле девет обвинети за за трговија со деца за сексуална експлоатација и двајца за трговија со деца за сексуална и трудова експлоатација (во 2019 г. пет осудени за трговија со деца за сексуална експлоатација). Судиите не изрекле условни казни; сите осудени лица за трговија со луѓе добиле меѓу четири и седум години казна затвор (во 2019 г. четири трговци добиле меѓу седум и 11 години казна затвор, а еден осуден добил три години условна казна). Апелационите судови потврдиле три осудителни пресуди (во 2019 г. апелационите судови потврдиле четири осудителни пресуди и ја зголемиле казната на еден осуден за трговија со луѓеод 13 на 17 години затвор, зголемите две затворски казни од 12 на 14 години и една казна од четири години и шест месеци на осум години).

Националната единица за сузбивање криумчарење на мигранти и трговија со луѓе во рамките на Министерството за внатрешни работи (МВР) водела специјализирани истраги. ЈОГОКК поднело обвиненија за предмети со трговија со луѓе, но и понатаму укажувало на недостаток на ресурси, со само 10 обвинители за работа по сите предмети во нивна надлежност. . Дополнително, единицата при МВР немала доволно средства и соодветна опрема за да спроведува проактивни истраги, а обвинителите главно не користеа посебни истражни мерки за истрагите на трговија со луѓе.  Следствено, властите се потпираат речиси исклучиво на сведочењето на жртвите со малку докази во поткрепа. Како и во претходните години локалните полициски службеници немаа доволно знаење за трговијата со луѓе и не ја известуваа редовно единицата при МВР за потенцијални случаи на трговија. Набљудувачите известија дека предметите се развлекувале  или не биле соодветно водени заради отсуство на дигитален систем за управување со случаи за трансфер на предметите на трговија со луѓе меѓу различните сектори во полицијата и обвинителството.

Владата, главно со техничка и финансиска поддршка од донатори, меѓународни организации и НВО, обучувала судии, обвинители и припадници на единицата при МВР за различни прашања поврзани со сузбивањето на трговијата. Владата не спроведе некакви меѓународни истраги или екстрадиции. Корупцијата и соучесништвото на службени лица во кривичните дела на трговија со луѓе и понатаму загрижува, но во 2018 година владата го измени членот 418(a) за да ја намали пропишаната минимална казна затвор за службени лица осудени за соучесништво од осум  на пет години затвор. Службени лица и набљудувачи и понатаму информираат дека полициски службеници на пониски позиции може да се соучесници во трговијата со луѓе, како на пример преку криење докази, поткуп, промена на маршрутите на патролите за да им помогнат на сторителите на вакви дела, дојавување за рации и/или директна инволвираност во организиран криминал. Властите во 2017 година поднесоа обвинение за соучесништво во трговија со луѓе против државен службеник, а во 2016 година против општински инспектор; ЈОГОКК информираше дека и на двете лица им се суди во Кривичниот суд во Скопје за криумчарење на мигранти. Владата нема известено за  нови истраги, обвиненија или осудителни пресуди против државни службеници, за соучесништво во кривични дела на трговија со луѓе.

ЗАШТИТА

Владата продолжи да вложува напори за заштита на жртвите. Владата идентификуваше седум жртви (шест жртви во 2020 г.); пет жртви на трговија за сексуална експлоатација и две жртви на принудна работа, вклучително и една на принудно питачење (во 2019 г. четири жртви на трговија за сексуална експлоатација, една жртва на принудна работа, и една на принудно питачење). Од идентификуваните,  шест жртви биле девојчиња, а еден возрасен маж (во 2019 г. четири девојчиња и две жени ); ниедна од жртвите не била странски државјанин (во 2019 г. имало една жртва од Босна и Херцеговина и две од Косово).  Владата во соработка со НВО, исто така идентификувала шест потенцијални жртви (во 2019 г. 124 потенцијални жртви); од нив имало пет возрасни и едно дете (во 2019 г. 39 возрасни и 85 деца); пет биле од женски а една од машки пол (во 2019 г. 91 од женски и 33 од машки пол ); и момче кое било потенцијална жртва-странец (во 2019 г. имало 29 потенцијални жртви со странско државјанство). Министерството за труд и социјална политика (МТСП) има мобилни тимови составени од социјални работници, службеници од органите на прогон, работници од НВО секторот и психолози во пет региони кои работат со ранливото население, вклучително и жртви на трговија; мобилните тимови им помогнале на 362 деца на улица (мобилните тимови идентификувале 86 потенцијални жртви и им помогнале на 316 лица во 2019 г.). Мобилните тимови ги идентификуваат  повеќето од потенцијални жртви секоја година и експертите ги сметаат тимовите како најдобра пристап во проактивната идентификација и соработка меѓу граѓанското општество и владата; меѓутоа одржливоста на мобилните тимови и понатаму е неизвесна со оглед дека нивното финансирање од меѓународна организација заврши во 2020 година, а владата ги пренамени ветените средства за одговор на пандемијата. Покрај финансиските ограничувања, напорите за справување со пандемијата ја ограничија способноста на мобилните тимови проактивно да ги идентификува потенцијалните жртви. МТСП продолжи да испраќа социјални работници на прават проценка на ранливото население на граничните премини и во транзитните центри, а социјалните работници на МТСП и полицијата продолжија со идентификувањето на потенцијалните жртви на принудна работа главно кај ромските деца кои питачат или продаваат на улица. Владата ги сместуваше идентификуваните деца жртви во дневни центри и ги опоменуваше или парично ги казнуваше нивните родители; во случаи во коишто судовите сметале дека родителите не се способни да се грижат за своите деца, државата ги сместуваше децата во домови за деца без родители и родителска грижа. Владата и граѓанското општество изразија загриженост заради малиот број на идентификувани жртви, а експертите укажаа дека повеќето владини институции не работат на проактивна идентификација.  На пример, граничните службеници не прават постојани проверки на индикаторите за трговија на луѓе на граничните премини, и има извештаи во кои се документирани случаи на злоупотреба од страна на полицијата и незаконско враќање назад во Грција од страна на властите. Полицијата не прави редовни проверка на индикаторите кога врши рации во казина, ноќни клубови и барови. Владата има СОП за идентификување и упатување на жртви, а Националниот механизам за упатување (НМУ) во рамките на МТСП и понатаму е одговорен за координација на постапките за идентификација и упатување. Службениците што работат на терен упатувале потенцијални жртви на Единицата за сузбивање трговија и/или на НМУ, коишто се овластени да направат официјално идентификување. Службеници од НМУ и социјални работници учествувале во интервјуа со потенцијалните жртви, но органите на прогон не ги вклучувале редовно претставниците на НМУ и социјалните работници уште на самиот почеток на идентификување на потенцијални случаи на трговија со луѓе.

Владата му додели на МВР 1,76 милион денари ($35.040) за заштита и безбедност на жртвите на трговија со луѓе, особено оние што престојуваат во засолништето за жртви на трговија, споредено со 2,21 милион денари ($44.120) во 2019 г. Владата иако планираше да му додели 1,5 милиони денари ($29.920) на МТСП за социјални услуги, активностите на НВО, мобилните тимови и други видови активности за заштита на жртвите (во 2019 г. 2,7 милиони денари ($53.860)), сите средства ги пренамени за активности за справување со пандемијата. Владата сепак обезбеди 810.000 денари ($16.160) за директна помош на жртвите во засолништето за жртви на трговија со луѓе споредено со 1.2 милиони денари ($23.940) во 2019; меѓутоа со ова беше покриен само мал процент од трошоците за работа на центарот, и засолништето во голема мерка се потпира на финансиска помош од меѓународната заедница за да може да продолжи да функционира. Владата и НВО на потенцијалните и официјално идентификуваните жртви им обезбедуваат заштита и помош, вклучително храна, облека, медицинска помош, психосоцијална поддршка, рехабилитација и услуги за реинтеграција. Меѓутоа, потенцијалните странски жртвимора да бидат официјално идентификувани како такви за да добијат поддршка во засолништето за жртви на трговија со луѓе. МТСП на жртвите им доделува старател од Центарот за социјална работа додека се во засолништето, а во секој од 30-те центри за социјална работа кои се под капата на МТСП има по еден социјален работник којшто е задолжен да им обезбеди помош на жртвите на трговија, вклучително и психосоцијална поддршка, помош за реинтеграција, образование и наоѓање работа. Владата и НВО им дале помош на 14 официјално идентификувани и потенцијални жртви (89 во 2019), вклучувајќи и основни потребни средства на 5 (89 во 2019), советување и медицинска помош на седум (30 во 2019), правна помош на четири (седум во 2019), и стручна обука на четири (три во 2019). Владата нема обезбедено специјализирана помош за жртви-возрасни мажи. Засолништето за жртви на трговија сместува жени и деца жртви со капацитет за пет лица, но властите немаа дополнителни капацитети за сместување на жртви доколку засолништето е полно. Во 2018, година владата направи законски измени за да се овозможи сместување и на домашни и на странски потенцијални жртви во засолништето; меѓутоа повеќето потенцијални странски жртви и понатаму се сместуваат во транзитниот центар. Засолништето  на жртвите им дозволува слобода на движење, а транзитниот центар не им дозволува на потенцијалните странски жртви да го напуштат истото без дозвола за привремен престој. Набљудувачите известуваат за лоши услови за престој во транзитниот центар. Во текот на 2020 година во засолништето биле сместени пет жртви (пет во 2019), а во транзитниот центар не била сместена ниедна жртва (една во 2019). Законот им дава на странските жртви период од два месеци да размислат дали сакаат да сведочат против трговците, после што следи шестмесечна дозвола за привремен престој без разлика дали ќе сведочат; ниедна жртва со странско државјанство не побарала дозвола за престој во 2019 и 2020 година.

Несоодветните напори за идентификација и корупцијата ги ставаат потенцијалните жртви во ризик да бидат казнети за кривични дела кои биле присилени да ги извршат. Набљудувачите пријавија дека локална полиција депортирала потенцијални странски жртви пред истек на периодот од два месеци предвиден за размислување. Дополнително, според информации од стручни лица и владини службеници локалната полиција задржала и депортирала лица што давале комерцијални сексуални услуги без да се направи проверка на индикаторите за трговија со луѓе и без да ја известат единицата во МВР. Владата во соработка со меѓународна организација, обучиле 19 судии за неказнување на жртвите на трговија. Жртвите што доброволно соработуваат во судските постапки генерално не можат да ја напуштат Северна Македонија пред да сведочат во суд; меѓутоа, обвинителите, со согласност од одбраната можат да направат исклучок и да ѝ дозволат на жртвата да ја напушти земјата пред да сведочи во суд откако ќе даде исказ пред обвинител, или во некои случаи и пред судија на претходна постапка. Шест жртви дале искази против нивните наводни трговци (осум во 2019). Владата нема пријавено жртви на кои во 2019 и 2020 кои побарале заштита како сведоци. Судиите немаат досудено обесштетување како дел одкривичните казни, и иако жртвите можат да бараат обесштетување преку граѓански постапки, сложеноста на процесот честопати ги обесхрабрува жртвите да покренат постапка. Една жртва на трговија со луѓе успеала да добие обесштетување во 2020 година. Владата и граѓанското општество продолжиле со активностите за формирање на фонд за жртви што на властите им овозможува да им доделат обесштетување на жртвите од запленет имот од кривични дела.

ПРЕВЕНЦИЈА

Владата продолжи со своите активности за превенција. Владата ја спроведуваше Националната стратегија и Националниот акциски план за 2017-2020 година, а Националната комисија (НК) составена од 12 владини агенции на чело со национален координатор редовно се среќаваше виртуелно, го објави својот 12-ти годишен извештај за владините активности за сузбивање на трговијата со луѓе и ги подготви, иако сеуште не ги усвои Националната стратегија и Националниот акциски план за 2021-2025 година. НК исто така поддржа седум општински комисии за борба против трговијата со луѓе во спроведувањето на нивните локални акциски планови. Секретаријатот за борба против трговија со луѓе составен од претставници од владини институции, меѓународната заедница и граѓанското општество работи во рамките на НК и редовно одржува виртуелни состаноци. Во периодот што беше предмет на претходниот извештај владата формираше независна канцеларија на националниот известувач за борба против трговијата со луѓе во рамките на Канцеларијата на Народниот правобранител, избра нов национален известувач и вработи службеници за канцеларијата. Националниот известувач подготви извештај за активностите на Владата во борбата против трговијата со луѓе, и во декември 2020 година потпиша меморандум за разбирање со една невладина организација за соработка во рамките на активностите за мониторинг. НК дистрибуираше брошури и летоци за борба против трговијата со луѓе, организираше работилници и предавања во училишта и спроведе кампања за подигнување на јавната свест.

Законот забранува незаконско и непријавено вработување и пропишува критериуми за ангажирање на работна сила, со што се дефинирани условите за вработување, обврските на работодавецот и правата на вработените. НК има „Кодекс за соработка“ со угостителски компании и хотели за спречување на принудната работа во туристичката индустрија. Трудовиот инспекторат вршел редовни инспекции за придржувањето на законите што се однесуваат на работните односи, изрекол опомени и глоби, и санкционирал бизниси; трудовите инспекторати извршиле инспекција на 16.892 бизниси во првите шест месеци од 2020 година (11.749 бизниси во 2019 година) и изрекле глоби коишто се движат од 1.080 до 8.630 ам. долари за прекршување на законот за работни односи ($625 дo $7.800 во 2019). Владата нема жешка линија (забелешка: за пријавување неправилности), но МВР има апликација за пријавување различни дела, вклучително и трговија со луѓе; апликацијата имаше примено три пријави поврзани со трговија со луѓе (три пријави поврзани со трговија во 2019). Набљудувачите известија за случаи на ромски деца кои не се пријавени при раѓање бидејќи нивните родителите немале извод од матична книга на родени и лични документи за идентификација за да имаат пристап до здравствена и социјална заштита и образование. Владата не вложи усилби за намалување на побарувачката на комерцијални сексуални услуги.

ПРОФИЛ НА ТРГОВИЈАТА

Како што е пријавено во последниве пет години, трговците со луѓе експлоатираат и домашни и странски жртви во Северна Македонија, а експлоатираат и жртви од Северна Македонија во странство. Жени и девојчиња во Северна Македонија се експлоатираат преку трговија за сексуална експлоатација и принудна работа во самата земја во ресторани, барови и ноќни клубови. Трговците на луѓе за сексуална експлоатација врбуваат жртви од странство, вообичаено од Источна Европа и Балканот, како на пример од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Романија, Србија и Украина. Жртви што се државјани на Северна Македонија и странски државјани што транзитираат низ Северна Македонија се предмет на сексуална експлоатација и трудова експлоатација во градежништвото и земјоделството во јужна, централна и западна Европа. Трговците експлоатираат ромски деца преку принудно питачење и сексуална експлоатација во рамките на принудни бракови. Нерегуларните мигранти и бегалци коишто патуваат или се кријумчарат низ Северна Македонија се ранливи како потенцијални жртви на трговија со луѓе, особено жените и малолетните лица без придружба.