Добровечер и ви благодарам што ни се придруживте заеднички да ја одбележиме 247-та годишнина од независноста на САД. Навистина ми е чест што во својот живот добив можност да ја претставувам мојата земја во вашата – да служам како американски амбасадор во Северна Македонија.
Кога татковците, основачи на Соединетите Американски Држави го пишувале нашиот Устав, пишувале и за стремежот кон посовршена унија. Стремеж. Тоа не значи конечност, крајна точка – туку континуирано тежнеење кон нешто што, според мене, оние кои ја создале нашата држава, знаеле дека всушност и не постои.
Бидејќи не постои вистински совршена унија. Она што е важно е стремежот, истрајноста да станеме подобри и да не се однесуваме кон демократијата како кон нешто што претставува статична состојба на постоењето, туку континуирана напорна работа. Стремежот продолжува до денешен ден, кога во САД се соочуваме со стари и нови предизвици.
Така е и со нашиот сојуз, пријателството и партнерството помеѓу САД и Северна Македонија. Никогаш нема да го оствариме недофатливото, „совршениот“ сојуз. Но принципите што ги споделуваме, предизвиците со коишто се соочуваме – не сами, туку заедно – ќе го водат нашиот сојуз напред, во истраен стремеж кон напредок, просперитет и безбедност.
Нашиот втор претседател и основач, Џон Адамс рекол „секогаш држете се до принципите, дури и кога сте сами во тоа.“ Но нашите две држави нема потреба никогаш да се сами во ништо. Принципите кои на сите нас ни се при срце ќе не обединат, како што тоа секогаш го правеле. Заедно ќе се стремиме кон овие идеали и ќе ги славиме вашите победи, исто како што вие сте тука со нас вечерва за да ја прославиме нашата независност.
Размислувајќи за независноста, исто така согледувам дека демократијата не е изградена сама од себе. Подемот не е нешто што независните држави го постигнуваат сами. САД се подобри, посилни и поблагородни, бидејќи имаме сојузници. Имаме партнери. Бидејќи имаме пријатели – пријатели како вас, како државата Северна Македонија.
Уште еднаш ви благодарам што ни се придруживте вечерва – во име на нашето пријателство, нашето партнерство и нашиот сојуз. Господ да ја благослови Америка и Господ да ја благослови Република Северна Македонија.
# # #