Амбасадорката Брнз оддржа говор на церемонијата на предавање на акредитивни писма

Oбраќање на амбасадорката Брнз на
церемонијата на предавање на акредитивни писма
12 јули 2019, Вила Водно

 Претседател Пендаровски, ми претставува задоволство да се запознаеме и да ви ги предадам моите акредитивини писма.  Ви благодарам што сте домаќин на оваа свеченост.  Чест ми е што го претставувам претседателот Трамп и американскиот народ како амбасадор на Соединетите Држави во Република Северна Македонија.

Ми претставува особено задоволство да го започнам мојот мандат во овој клучен период за односите помеѓу нашите две земји.  Со нетрпение очекуваме, до крајот на годината, да и посакаме добредојде на Северна Македонија како 30-та членка на НАТО алијансата.  Како сојузници, нашите односи ќе стануваат посилни, поврзани преку нашата заедничка заложба за мир, безбедност и просперитет во регионот и пошироко.

Во очекување на овие случувања, ние продолжуваме да работиме врз основа на веќе изградените цврсти темели и на традицијата на партнерство.  Повеќе од 25 години работиме заедно и постигнавме многу во унапредувањето на нашите заеднички цели – да ја видиме Северна Македонија целосно интегрирана во западните институции и целосно посветена на нашите заеднички вредности – демократија, индивидуална слобода, и владеење на правото.

Нашите две земји се посилни поради нашата соработка. Нашите војници служат рамо-до-рамо на бојното поле, исто како што нашите лидери работат заедно на унапредување на нашите цели за безбедна и просперитетна Северна Македонија и Европа. Нашите бизнис лидери работат заедно за да создадат работни места и да ги развијат нашите економии. Нашите професори и студенти соработуваат на иновативни истражувања, а нашите уметници разменуваат идеи и инспирација.

Се радувам што ќе работам со вас и со властите и граѓаните на Северна Македонија, развивајќи посилни односи како сојузници. Се обврзувам дека ќе промовирам стабилност преку силни институции и дека ќе ги поддржувам напорите на вашите власти во борбата против корупцијата и зајакнувањето на владеењето на правото, дека ќе го унапредувам просперитетот преку помошта и партнерството со приватниот сектор и дека ќе работам на зацврстување на безбедноста преку нашето партнерство во одбраната.

Лично, се радувам што ќе ја искусам убавината и различностите на Северна Македонија и што ќе научам повеќе за вашата динамична култура, за традициите и за историјата на вашата земја. Ќе барам можности за споделување на културата на Соединетите Држави и за градење на мостови помеѓу граѓаните на двете земји.

Задоволство ми е да ви ги предадам акредитвните писма, и лично да ве уверам дека ќе работам неуморно на унапредување на нашите цврсти односи и на претворање во реалност на нашата заедничка визија за иднината.  Ви благодарам.